Новости
вторник, 12 јули 2016 15:56
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Арбр Адеми денеска оствари средба со новоназначениот амбасадор на Република Грција во нашата земја Н.Е. г-дин Димитрис Јанакакис.
На почетокот на средбата вицепремиерот Адеми му честиташе на г-дин Јанакакис за неговото назначувањето како амбасадор во нашата земја посакувајќи му успешен мандат.
Адеми нагласи дека мерките за градење на доверба се значаен чекор кон промовирање на добрососедските односи и продлабочување на билатералната соработка меѓу двете земји и се осврна на позитивните случувања во последните години обележани со посети на високи претставници од двете земји, како и постојани технички состаноци на високо ниво на ниво со надеж дека воспоставената практика на стручни консултации за прашања поврзани со ЕУ ќе продолжи и понатаму.
На средбата беше поздравена добрата економска соработка помеѓу двете земји, трговските односи кои бележат позитивен тренд на развој и претставуваат добра основа за понатамошен развој и унапредување на севкупните економски односи како и интензивната прекугранична соработка во повеќе области.
Во поглед на актуелната политичка состојба во државата Адеми се осврна на ситуацијата во земјата и нагласи дека е важно решението за сите непосредни прашања да се постигне на конструктивен и сеопфатен начин и во согласност со стандардите за владеењето на правото.
Соговорниците се согласија дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан е во интерес и на Република Грција во согласност со Солунската агенда и истата ќе придонесе за зајакнување на стабилноста и економскиот просперитет на целиот регион.