Новости
понеделник, 13 јуни 2016 14:05
Државниот секретар за европски прашања, г-ѓа Ана Блажеска денес учествуваше на осмиот состанок на високо ниво „Глобални сили, локални гласови: моќта на луѓето во глобализираниот свет“ во Андора.
На состанокот посветен на глобализацијата, г-ѓа Блажеска говореше на првиот панел на состанокот, на тема „Преиспитување на глобализацијата“. Државниот секретар Блажеска во своето излагање се осврна на неколку аспекти од глобализацијата, говорејќи за тоа што може да се направи за да се избегне порастот на нееднаквоста, кој е навидум неизбежен во ерата на глобализацијата. Демократските и економските институции се подеднакво важни за да се избегне замката на среден приход и да се оствари одржлив развој, бидејќи треба да се вспостави рамнотежа помеѓу демократијата и економијата, истакна таа.
Големите бизниси не само што контролираат цели сектори во големите економии и електронски масовни медиуми, туку имаат и големо влијание врз политичките партии, додаде г-ѓа Блажеска. Според неа, балансирањето на моќта на бизнис групациите и работничките организации со учество на јавноста во процесите на одлучување за закони и политики, како и постоењето одговорни партии се предуслов за модерната идеа за демократијата од крајот на дваесетиот век.
Состанокот на високо ниво се одржува во Андора ла Велја, Андора, во организација на Меѓународниот центар Низами Ганџави. На состанокот учествуваа членови на центарот, воедно и поранешни премиери, министри и амбасадори од повеќе земји, како и сегашни високи функционери.