Новости
петок, 10 јуни 2016 15:04
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Арбр Адеми денеска 10.06.2016 год. оствари средба со Н.Е. г. Jачек Стефан Мултановски Амбасадор на Република Полска во Република Македонија.
На почетокот на средбата вицепремиерот Адеми истакна дека европската интеграција останува клучен стратешки приоритет и единствена алтернатива за иднината на земјата која сеуште има висока поддршка од граѓаните и воедно се заблагодари за полската поддршка за евро-атлантската интеграција на Македонија и нивниот став дека процесот на проширување нема да биде завршен додека сите земји од Западен Балкан не се приклучуваат на ЕУ.
Од аспект на актуелната политичка состојба во државата за време на разговорот соговорниците заеднички се согласија дека во овој момент важно е да се најде решение за сите прашања на конструктивен и сеопфатен начин и во согласност со стандардите на владеењето на правото, дека сите политички лидери треба да ги стават националните интереси пред интересите на партиите како и да се преземат чекори за целосно исполнување на обврските од Политичкиот договор на инклузивен и транспарентен начин, со посебен фокус на исполнување и на обврските од Итните реформски приоритети.
Амбасадорот Мултановски посочи дека Полска е дел од Групата на пријатели на Македонија и во тој контекст искажа спремност за продлабочување на билатералната соработка и понатамошна размена на полските искуства во процесот на пристапување во ЕУ. Како позитивен пример во оваа насока беше истакнато повеќегодишното одржување на таканаречената „Скопска Конференција“ на која македонски и полски експерти разменуваат искуства за теми поврзани со процесот на европска интеграција.
Соговорниците искажаа задоволство и од досегашниот напредок во имплементацијата на Твининг проектот за јакнење на организационите и институционалните капацитети за координација на процесот на европска интеграција, кој се спроведува од конзорциумот од три земји членки меѓу кои и Полска (покрај Германија и Хрватска). При тоа беше истакнат ангажманот и придонесот на полските експерти.