Новости
понеделник, 06 јуни 2016 16:17
Денес, по повод Меѓународниот ден за животна средина, кој се одбележува секоја година на 5. јуни во светски рамки, се разбира и во рамките на Европската унија, Секретаријатот за европски прашања во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и Амбасадата на Република Франција организираа дебата во рамките на „ЕУ Разговори“,на тема „Париски договор-Климатски промени“ на која учествуваа претставници на ресорните министерства, граѓанските организации и универзитетски професори “.
Вицепремиерот Адеми истакна дека климатските промени претставуваат глобален предизвик и истите влијаат пред се на здравјето на човекот и целокупната флора и фауна, при тоа имајќи сериозни импликации врз светската економија како и на секој регион поединечно. Затоа на климатските промени не може да се гледа како на поединечен предизвик туку кон истиот треба да се пристапи заеднички, системски и одговорно.
„Процесот на приближување на националното законодавство до европското законодавството во областа на климатските промени доведе до усвојување на голем број начела за известување и мониторинг на мерките за ублажување на климатските промени кои ги применуваат земјите- членки на Европската унија. –рече Адеми
Со потпишувањето на Парискиот договор за климатски промени (април 2016 год.), Република Македонија понатаму продолжува со своите заложби за намалување на емисиите на стакленички гасови, преку одржување на порастот на средната глобална температура под 2°C.
Министерот за животна средина и просторно планирање, г Амети ја поздрави идејата за понатамошно организирање на вакви отворени дебати на тема животна средина во рамките на кампањата „ЕУ Разговори“ помеѓу сите засегнати чинителни и изрази подготвеност да оваа дебата продолжи во Министерството за животна средина и просторно панирање.
Амбасадорката на Република Франција, Н.Е. Лоренс Оер, даде силна поддршка на овој тип на отворени дебати помеѓу владиниот, граѓанскиот сектор и научната фела. Таа истакна дека Република Франција вложила огромни напори во областа на климатските промени, не само како земја-домаќин, за потпишување на Парискиот Договор за климатски промени од кој се очекува сите земји да дадат свој придонес во глобалните цели за одржување на порастот на средната глобална температура под 2°C. Исто така и Парискиот Самит кој ќе се одржи на 4 јули 2016 година во Париз е значаен во контекст на климатските промени бидејќи предложена е нова димензија за позеленување (greening) на меките мерки.
Денешната дебата е продолжение на кампањата „ЕУ Разговори“, која има за цел, преку отворена, стручна и конструктивна дебата, помеѓу различни општествени чинители на актуелни теми и прашања, да придонесе кон калибрирање на заеднички ставови, насоки и предлози кои може да водат кон решенија.