Новости
среда, 16 август 2017 13:30
Денес, во просториите на Секретаријатот за Европски Прашања, се одржа средба меѓу Вицепремиерот Бујар Османи и унгарскиот Амбасадор Ласло Иштван Дукс.
На средбата се разговараше за Итните реформски приоритети, содржани во Планот 3-6-9 на Владата, чија реализација е во тек. Вицепремиерот Османи, во контекст на поддршката на евроинтегративниот процес, истакна дека Унгарија е еден од најактивните поддржувачи на Македонија во овој процес. „Оваа Влада ќе биде проактивна и посветена на евроинтегративните процеси, но, соодветно на успешниот процес на имплементацијата на преземените обврски, Владата очекува и конкретни чекори од страна Унијата во насока на забрзување на овие процеси. Поради тоа ни се потребни што повеќе пријатели помеѓу земјите членки на ЕУ, спремни да помогнат во овие наши напори. “, рече Османи, додавајќи дека валоризацијата на напорите на земјата би претставувало значаен импулс и поттик за уште поголема посветеност кон евроинтеграциите.
Вицепремиерот Османи истакна дека покрај континуираното унапредување на политичките односи меѓу двете земји, покрај директната помош на Унгарија во спречувањето и контролата на мигрантската криза значителна е и тесната соработка помеѓу администрациите воспоставена во рамките на договорната соработка, од аспект на искористување на унгарската експертиза во евроинтегративниот процес. Во таа смисла, Македонија гледа на Унгарија како на земја – пријател и поддржувач на евроинтегративните процеси на земјава.