Новости
среда, 16 август 2017 11:49
Денес во просториите на Владата на Република Македонија се одржа средба со граѓански организации на која воведни излагања имаа претседателот на Владата Зоран Заев и Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи
Средбата претставува уште една потврда дека европската интеграција е важен процес не само за Владата туку и за останатите чинители, особено претставниците на граѓанскиот сектор кои исто така имаат значајна улога во овој процес и можат да дадете особено голем придонес со конструктивни предлози како на најефикасен начин да се спроведат клучните реформи за земјата повторно да се врати на патот кон ЕУ.
„Јас како премиер и Владата што ја предводам сме подготвени да овозможиме услови за ангажман и вклученост на целото општество, во сериозниот реформски процес што го поставивме пред нас. Барам, повикувам, сите во нашата држава, и власт и опозиција, и граѓански сектор, и политичари, секој, да ја увиди и својата личната одговорност, и колективната обврска што ја имаме како граѓани на Република Македонија. Да го обезбедиме неопходниот општествен консензус, за суштинските прашања. Сите да вклучиме во реформата! Акцијата е започната, потребата е огромна!“, рече премиерот Заев.
„Свесен сум за тежината на предизвикот и одговорноста но исто така сметам дека секој од нас треба да го даде својот придонес кон остварување на оваа стратешка цел. Ова треба да биде инклузивен процес на Владата, останатите државни институции, граѓанскиот сектор и опозицијата. Ова е прашање кое треба да не обединува а не да не разединува и затоа верувам дека сите ќе го вложиме својот максимум да ја искористиме оваа позитивна клима и поддршката која ја добиваме од нашите меѓународни партнери особено ЕУ“- подвлече Османи.
Вицепремиерот посочи дека намерата е да се работи на дефинирање на реално остварливи цели на краток рок, за кои постојат реални можности за реализација до одржувањето на локалните избори 2017, односно до октомври, со цел да се отстрани условеноста на нашата препорака за почеток на пристапните преговори. Секако и Европската комисија останува клучен партнер во спроведувањето на реформите и по исклучително важните средби во Брисел минатата недела, сега Комесарот Хан доаѓа во Скопје што претставува одлична можност да се презентираат и нашите планови по однос на итните реформски приоритети. Утредента, во Македонија пристигнува и Рајнхард Прибе, кој со својот тим ќе даде помош, ќе врши надзор и ќе даде оценка на успешноста во спроведувањето на препораките и забелешките од извештајот кој тој го подготви.
На денешната дебата фокусот беше ставен на областите: Владеење на право вклучително и правосудство, борба против корупција, реформа на разузнавачките служби, реформа на јавната администрација, избори, Собрание и независни регулаторни тела, медиуми и граѓанско општество. Од страна на Вицепремиерот Османи беше истакнато дека Владата планира да ги затвори и последните легислативни обврски кои произлегуваат од Охридскиот рамковен договор, со што ќе се затвори важно прашање кое ги оптоваруваше меѓуетничките односи, како важен столб на стабилноста но и важен темел на интегративниот пат на земјата.
Настанот се организираше со цел да се добие инпут од граѓанскиот сектор при формирањето за она што ќе биде приоритет следните месеци за Владата, а произлегува од извештаите на Европската комисија, Итните реформски приоритети, Извештајот на Прибе, препораките на ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија итн.