Новости
среда, 13 јули 2016 14:02
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Арбр Адеми денеска имаше обраќање на презентацијата на приоритетите на Словачкото претседателство со ЕУ пред комисијата за европски прашања.
Вицепремиерот Адеми му го честиташе на амбасадорот Безак преземањето на претседателството со Европската унија од страна на Словачка и им посака успешна реализација на зацртаните цели и приоритети.
Во своето обраќање вицепремиерот Адеми истакна дека преземањето на претседателството со ЕУ од страна на Словачка се случува во период на сериозни предизвици кога треба да се направат особени напори за да се врати довербата на граѓаните во заедничкиот европски проект, кој е од исклучително значење за целиот континент.
Вицепремиерот Адеми потенцираше дека соочувањето со последиците од референдумот за излез на Велика Британија, ситуација која се случува за првпат во историјата на Унијата како и со предизвиците кои произлегоа од мигрантската криза ќе бараат голема ангажираност и фокусираност од страна на европските институции и земјите членки, но сето тоа не смее да се одрази на процесот на проширувањето и интеграцијата на земјите од Западен Балкан.
Адеми се осврна и на билатералните односи како значаен сегмент во процесот на пристапување, како и на регионалната соработка која исто така е особено значајна за земјите од процесот на пристапување притоа нагласувајќи дека Република Македонија секогаш била и ќе биде отворена за градење и продлабочување како на односите со земјите од непосредното соседство така и со земјите од регионот.
На презентација на приоритетите на Словачкото претседателство со ЕУ вицепремиерот Адеми уште еднаш ја потенцираше констатацијата повторувана многу пати досега дека процесот на проширување нема да биде завршен без интеграцијата на земјите од Западен Балкан особено бидејќи за Македонија нема друга алтернатива освен целосна евро-атлантска интеграција.