Новости
петок, 01 јули 2016 09:11
Во рамки на работната посета на Варшава, државниот секретар Ана Блажеска оствари средба со државниот потсекретар во полското Министерство за економски развој, г. Павел Хоранжи. Натамошно јакнење на административните капацитети преку правилна употреба на претпристапните и структурните фондови беше главната тема на разговор за време на работната средба. Меѓу другото беше истакнато дека постојат повеќе модалитети на размена и споделување на искуствата на кои посветено се работи и беше изразена заемна желба за натамошно продлабочување на соработката.
Освен тоа, како резултат на Меморандумот за соработка кој во рамки на посетата на Варшава го потпиша ДС Ана Блажеска со вицеректорот на Европскиот колеџ во Натолин, г-а Ева Осниецка Тамеска, се отвора можност за стипендирање на одреден број студенти кои би одлучиле да студираат на овој универзитет. Во текот на разговорите, беше договорено за студентите на овој универзитет следната студиска посета да се реализира во Македонија, како прв чекор кон интензивирање на соработката.
Државниот секретар Ана Блажеска при посетата воедно и ја предводеше делегацијата од 15 државни службеници од Собранието на Република Македонија, Секретаријатот за законодавство, Министерството за информатичко општество, Генералниот секретаријат и Секретаријатот за европски прашања кои се во студиска посета на повеќе институции во рамки на твининг проектот и при тоа оствари повеќе билатерални средби.