06.12.2018
година, Луксембург. Управниот комитет на инструментот Инвестициска рамка за
Западен Балкан - ВБИФ (Western Balkas Investment Framework - WBIF), донесе
одлука на Република Македонија да ѝ одобри три апликации за инфраструктурни
проекти во вкупен износ од 24 милиони евра грант (неповратни) средства за
техничка помош и инвестиции.
Одобрена
е апликација за изградба на Автопат А2 Гостивар - Кичево и тоа за делница
Букојчани - Кичево, должина од 12.7 км, како дел од Коридор 8, при што се
обезбедени над 20 милиони евра (20.348.000 евра). Вкупните средства за
изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево изнесуваат околу 105
милиони евра. Останатите средства ќе се обезбедат од ЕБОР во вид на заем во
износ од 79,2 милиони евра и учество на ЈПДП од сопствени средства во износ од
6 милиони евра.
Одобрена
е апликација за инвестициски грант за градежни работи за рехабилитација и
реконструкција на државен пат А2 делница, делница Крива Паланка – Деве Баир
(Граница со Бугарија), како дел од Коридор 8, со што се обезбедени над два и
пол милиони евра (2.570.000 евра за инвестиции и 50.400 евра за техничка
помош). Со оваа инвестиција се планира рехабилитација и проширување на патната
делница во вкупна должина од 13 километри, која е дел од источниот Пан-европски
патен коридор 8, па со тоа придобивките од реализацијата на проектот би биле не
само од национален, туку и од регионален интерес. Имено, за реализација на овој
проект на 20.09.2018 година склучени се договорот за заем и договорот за
гаранција, со што од Европската банка за обнова и развој обезбеден е заем во
износ од 10 милиони евра, а учеството на ЈПДП од сопствени средства изнесува
1,37 милиони евра.
На
крајот, во рамки на 20-от ВБИФ повик одобрена е апликацијата за грант средства
за техничка помош во износ од 1 милион евра за подготовка на Физибилити студија
и Студија за влијание на животната средина и социјалните аспекти на проектот ХЕ
Чебрен. Со Физибилити студијата ќе се направи детална анализа на целокупната
досега изработена техничка документација за објектот и ќе е дефинира оптимално
техничко решение кое треба да биде финансиски и економски одржливо, а воедно ќе
се разгледа и стратешката оправданост на оваа инвестиција. Паралелено со
изработката на Физибилити студијата ќе се изработува и Студијата за оценка на
влијанието врз животната средина и социјалните аспекти, која ќе биде изработена
согласно меѓународните стандарди и конвенции за објекти од ваков тип и согласно
домашната легислатива.
Инструментот
Инвестициска рамка за земјите од Западен Балкан (Western Balkans Investment
Framework-WBIF) официјално беше отворен во 2009 година, како заедничка
иницијатива на Европската комисија, Банка за развој при Совет на Европа,
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Европската инвестициона банка (ЕИБ)
и подоцна приклучените Светска Банка и
Германската развојна банка (KfW). Средствата за WBIF главно доаѓаат од следните
извори: Ресурси алоцирани од Регионалниот ИПА пакет; Грантови кои што ги
доделуваат меѓународните финансиски институции; Грантови кои што ги доделуваат
билатералните донатори преку Заедничкиот фонд за Западен Балкан (European
Western Balkans Joint Fund - EWBJF).