Новости
среда, 26 септември 2018 14:44
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска во просториите на Секретаријатот за европски прашања, оствари средба со новоименуваниот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Амбасадорот Клеменс Која.
Вицепремиерот Османи најпрвин упати честитки за именувањето на оваа функција, при што ја потенцираше важната улога на Мисијата на ОБСЕ во Скопје во поддршка на реформските процеси на Владата, и изрази надеж дека ваквиот пристап на соработка ќе продолжи во текот на неговиот мандат.
За време на разговорот соговорниците разменија информации за поддршката и помошта која Мисијата на ОБСЕ во Скопје ја обезбедува за Македонија во насока на исполнување на реформите и во останатите области како што се судството, медиумите, граѓанскиот сектори итн., а стана збор и за актуелната политичка состојба во земјава и активностите на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР во пресрет на претстојниот референдум. „Очекувам мирен и достоинствен ден во недела на 30 септември, каде граѓаните во мирна и достоинствена атмосфера, слободно ќе ја изразат својата волја“, истакна Османи.
Соговорниците изразија и задоволство од досегашната соработка и заеднички изразија надеж дека поддршката и соработката меѓу ОБСЕ и Владата на Република Македонија, ќе продолжи и во иднина.