Новости
среда, 16 август 2017 13:29
Денес Заменик претседателот на Владата на Република Македонија, Бујар Османи, во просториите на Делегацијата на Европската Унија го презентираше Планот 3-6-9 пред Амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар и амбасадорите на земјите-членки на ЕУ.
„Во овој План се опфатени реформите кои Владата ќе ги спроведува во претстојниот период од 3, месеци односно до одржувањето на локалните избори, а во меѓувреме паралелно се работи и на допрецизирање на мерките кои треба да се реализираат во наредните 6 и 9 месеци “, рече Османи. При тоа, Османи истакна дека Владата се залага за обезбедување транспарентност и инклузивност, вклучително и со вклучување на опозицијата.
На средбата Вицепремиерот Османи ја истакна посветеноста на Владата на спроведувањето на овие реформи и важноста да се искористи позитивната клима, но изрази и очекување дека, во согласност со успешноста при реализацијата на превземените обврски, земјите-членки на Унијата ќе превземат конкретни чекори во насока на забрзување на евроинтегративните процеси на Република Македонија, вклучително и чиста препорака за почеток на преговорите.
Планот 3-6-9 за прв пат беше презентиран пред јавноста минатата недела, и е практично првиот чекор на Владата за сериозен пробив на земјата кон евроатлантските интеграции, по долгогодишниот застој во овие области.