Новости
среда, 16 август 2017 12:07
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денес имаше средба со првата Амбасадорка на Јапонија во Република Македонија, Каико Ханеда.
На средбата Османи се осврна на посветеноста на Владата за реализација на Планот 3-6-9, што подразбира исполнување на Итните реформски приоритети, во интерес на евроинтегративниот процес на земјата.
Вицепремиерот Османи изрази задоволство од досегашната дваесетгодишна билатерална соработка меѓу двете земји, која, како што рече, има покажано конкретни и одржливи резултати, од кои пред сè имаат корист граѓаните. Во овој контекст, тој ја истакна јапонската помош во здравствениот сектор и како пример ја посочи донацијата на медицинска опрема и возила за примарната здравствена заштита во повеќе општини, но посочи и дека Јапонија се има покажано како вистински пријател на Македонија, кога пред една година даде помош од над 100 000 евра за надминување на последиците од поплавите, а учествуваше и во обезбедувањето поддршка за справување со мигрантската криза.
Вицепремиерот Османи потенцираше дека во претстојниот период соработката меѓу двете земји ќе се зајакне со потпишувањето на Спогодба за техничка соработка меѓу владите на Јапонија и Република Македонија, која во моментов е во фаза на финална консултација, покрај продолжувањето на веќе отпочнатите проекти за техничка помош и обуки во клучни сектори.
„Навистина верувам дека преку вашата амбасада и Вашето присуство во Македонија нашата соработка ќе се прошири во периодот кој следи и дека во наредните години ќе имаме уште поуспешна развојна соработка“, порача Османи.