Новости
среда, 16 август 2017 12:00
Денес, Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи оствари средба со амбасадорот на Република Грција Димитриос Јанакакис.
На средбата Вицепремиерот Османи го образложи Планот 3-6-9 кој претходно на денешната прес конференција за прв пат беше презентиран на јавноста. Тој ги претстави реформските активности кои се планираат во првите три месеци и ги пренесе очекувањата на Владата за отстранување на условеноста и добивање на чиста препорака од страна на Европската комисија. Вицепремиерот Османи нагласи дека оваа Влада, со досегашните активности и со овој план, покажува и ќе докаже дека сака да ја врати земјата таму каде што припаѓа, во Евро-атлантското семејство. Османи посочи дека долгото чекање пред вратите на Унијата ја повлече земјата назад и ја однесе во длабока политичка и институционална криза, поради што, повеќе не смееме да правиме грешки
„Ние мора да го искористиме овој прозорец на можности што сега ни се отвора, овој нов моментум на севкупен оптимизам, како во земјата, така и во земјите-членки на Европската Унија. За нас нема друга алтернатива освен членството во Европска унија, поради што е важна вашата поддршка, како сосед, пријател и партнер, за евроинтегративните процеси на нашата земја“- рече Османи.
Во натамошниот разговор Вицепремиерот Османи истакна дека промовирањето на односите и соработката со соседните земји, како и зајакнувањето на регионалната соработка, остануваат висок приоритет на Владата. Тој посочи дека мекрите за градење на доверба меѓу двете земји се значајни чекори кон промовирање на добрососедските односи и продлабочување на билатералната соработка, и изрази подготвеност за понатамошно зајакнување на истата и активно учество во сите релевантни иницијативи. Тој додаде дека соработката меѓу двете земји беше од суштинско значење за запирање на миграциските текови кон остатокот од ЕУ и уште еден доказ дека кога работиме заедно, резултатите се евидентни.