Новости
среда, 16 август 2017 11:46
Денес во просториите на Секретаријатот за европски прашања се одржа средба помеѓу Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи и Амбасадорот на Обединетото Кралство, Чарлс Едмунд Гарет.
Вицепремиерот Османи го изрази своето задоволство од континуираната поддршка што Република Македонија ја добива од Обединетото Кралство во процесот на европската и евро-атлантската интеграција на земјата. Тој изрази и задоволство од поддршката и заложбите на Обединетото Кралство кон процесот на натамошно проширување на ЕУ, со што се остава отворена вратата за влез во унијата на земјите од Западниот Балкан.
Тој посочи дека Амбасадата на Обединетото Кралство во Скопје е доста активна во поддршката на реформите поврзани со евроинтегративниот процес на нашата земја преку проекти во неколку клучни области: поддршка на реформата на јавната администрација, владеење на правото и фундаментални права, како и поддршка на проекти за спроведување на мерките за борба против корупција.
Соговорниците се согласија дека Македонија успешно излегува од длабоката политичка и институционална криза во која беше западната изминатиот период и констатираа дека земјата има одлична можност да ја искористи позитивната клима која владее како во земјата така и кај земјите членки на Унијата и да ги забрза евроинтегративните процеси. Во тој контекст Вицепремиерот посочи на акцискиот план на Владата за спроведување на итните реформски приоритети и обврски кои произлегуваат од Пржинскиот договор, препораките на ОБСЕ/ОДИХР како и препораките на Венецијанската комисија, забелешките нотирани во извештаите на Европската комисија, забелешките нотирани во Извештајот на Прибе итн.
На крајот двајцата соговорници изразија задоволство од развојот на настаните во земјата, како и од развојот на односите меѓу двете земји, при што констатираат дека соработката ќе продолжи и во иднина, а Македонија ќе може да смета на поддршката од Обединетото кралство за своите евро и евро-атлантски аспирации.