Новости
понеделник, 25 јули 2016 13:04
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Арбр Адеми, на покана на Словачкото претседателство, учествуваше на неформалниот состанок на министри за европски прашања, организиран во рамките на Советот за општи работи на Европската Унија, кој се одржа во Братислава на 24 и 25 јули 2016 година. На состанокот учествуваше Комесарот за проширување Јоханес Хан и сите министри за европски прашања и нивни претставници од земјите кандидати од Западниот Балкан и Турција.
Претседавачот во име на Словачкото претседателство, Иван Корчак, потенцираше дека проширувањето останува во фокусот на Европската Унија. Комесарот Хан истакна дека во последните неколку недели има сериозен напредок во процесот речиси во сите земји од регионот. За Македонија, Комесарот Хан нагласи дека добрите вести за постигнатиот политички договор сега треба да се материјализираат преку целосна имплементација на договореното, без одлагање.
На почетокот во своето обраќање вицепремиерот Адеми се заблагодари за поканата за учество на овој неформален состанок која претставува уште една потврда за посветеноста и поддршката на процесот на интеграција во ЕУ. Тој се осврна на сериозните предизвици со кои се соочува Европската Унија во моментот на преземањето на претседателството од страна на Словачка како Брегзит, настаните во Турција, терористичките и безбедносните закани и можноста за ескалација на мигрантската криза. При тоа посочи дека тие ќе бараат голема ангажираност и фокусираност од страна на европските институции, но и во тие околности тој изрази надеж дека сето тоа ќе придонесе за консолидација на политиките на ЕУ, со преземање мерки за спречување на ризици во иднина и продолжување на успешни политики, пред се на децениски докажаната успешна политика на проширување. Вицепремиерот Адеми нагласи дека не треба да се заборави на политиката на проширување, која може и треба да биде дел од решението за овие предизвици.
Во поглед на актуелната политичка ситуација во државата, вицепремиерот Адеми подвлече дека несомнено позитивен чекор во насока на смирување на политичката криза во земјата е постигнувањето на договорот меѓу политичките партии, но дека во овој момент е круцијална целосната имплементација на договореното. При тоа вицепремиерот Адеми информираше подетално за планираните и преземни чекори во последните неколку денови. Тој исто така нагласи дека и натаму останува важноста и посветеноста на спроведувањето на Итните реформски приоритети низ инклузивен и транспарентен процес.
Во поглед на европските перспективи за земјата и годинашниот извештај кој треба да се објави од страна на Европската комисија, вицепремиерот Адеми истакна дека од исклучителна важност е истиот да го рефлектира позитивниот развој кон конечно разрешување на политичката криза и да ја врати кредибилноста и довербата во процесот, пред одржувањето на парламентарните избори. Вицепремиерот Адеми нагласи дека за Македонија нема друга алтернатива освен целосна интеграција во Европската унија и за друга алтернатива не се размислува.
Имајќи ја предвид важноста на добрососедските односи и регионалната соработка за интеграцијата во ЕУ, Адеми потенцираше дека унапредувањето и зајакнувањето на односите и соработката со соседните земји остануваат приоритет на нашата земја, а регионалната соработка, особено низ Берлинскиот процес се очекува да даде и конкретни резултати како поттик за економскиот развој и просперитет на регионот.
Вицепремиерот Адеми истакна дека Македонија, а воедно и останатите земји од Западен Балкан треба да бидат дел од политичката мапа на Европската унија бидејќи нивната интеграција е единствена алтернатива за обезбедување на стабилноста и мирот во ЕУ.
Во рамките на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, вицепремиерот Адеми оствари работни средби со шефовите на делегациите на Германија, Рајнхард Силберберг и на Австрија Михаел Линхард, на кои се дискутираа евроинтегративните перспективи на Македонија, во светло на актуелните настани во Европската Унија. Двајцата соговорници истакнаа дека круцијално во овој момент е целосна реализација на Политичкиот договор, како би се создала поволна клима за Македонија пред декемвриските состаноци на Советот на ЕУ.
На маргините на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, вицепремиерот Адеми оствари и низа неформални средби со своите колеги од регионот и од земјите членки на ЕУ.