Новости
петок, 22 јули 2016 13:33
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања д-р Арбр Адеми денеска оствари проштална средба со Шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Амбасадорот Аиво Орав.
Вицепремиерот Адеми му се заблагодари на евроамбaсадорот Орав за неговиот ангажман и поддршка, како и таа на Делегацијата со која тој раководи. Беше особено истакната соработката и партнерството што евроамбасадорот Орав ги негуваше со Секретаријатот за европски прашања во спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ како и користењето на ИПА и другите ЕУ фондови. Адеми му посака успех на неговата нова позиција со надеж дека и понатаму ќе остане пријател и поддржувач на нашата земја.
Соговорниците го поздравија постигнувањето на политичкиот договор меѓу политичките партии и се согласија дека сега е круцијална целосната имплементација на договореното, а и натаму останува важноста на спроведувањето на Итните реформски приоритети низ инклузивен процес.
За време на средбата вицепремиерот Адеми истакна дека и покрај тоа што Европската Унија се соочува со сериозни предизвици како Брегзит, настаните во Турција, последните терористички напади во Ница во Франција и продолжената мигрантска криза кои ќе бараат голема ангажираност и фокусираност од страна на европските институции и земјите членки, тоа не би требало да се одрази на процесот на проширувањето и интеграцијата на земјите од Западен Балкан.
Во таа насока Адеми нагласи дека Македонија треба да се третира како дел од политичката мапа на Европската унија, од економски, геополитички причини, но исто толку ако не и поважно од безбедносни причини и обезбедување на стабилност на југоистокот на Европа.
На крајот од средбата вицепремиерот Адеми уште еднаш потенцираше дека од суштинска важност е да ја задржиме препораката за отворање на пристапните преговори бидејќи Република Македонија нема друга алтернатива освен целосна евроатлантска интеграција.