Новости
петок, 07 октомври 2022 03:50
Делегациите на Северна Македонија и Албанија денес во Брисел го продолжија процесот на објаснувачки скрининг со Европската комисија, за Кластер 2 - Внатрешен пазар, односно поглавје 4 и 9 - Слободно движење на капитал и Финансиски услуги.
Слободно движење на капиталот е основата на слободниот пазар на ЕУ. Европската комисија денес ги претстави новите предлози на европската легислатива во однос на борбата против перење пари и финансирање на тероризмот. Исто така беа претставени и новите предлози на законодавството на ЕУ во однос на системот за брзи плаќања кои се во функција на слободното движење на капиталот.
Дрита Абдиу-Халили - Државен секретар во Секретаријатот за европски прашања и Заменик главен преговарач на Северна Македонија со Европската Унија, истакна дека нашата земја има направено низа промени во однос на усогласување на националното законодавство со европското законодавство во областа на Слободно движење на капитал.
Финансиските услуги се исклучително важни за доброто функционирање на внатрешниот пазар на Европската Унија како еден од основите на ЕУ. Ова поглавје значи усогласеност со регулативите од областа на финансиските услуги, банките, осигурувањето и реосигурањето, пензиските фондови како и пазарот на капитал.
Целосното усогласување со регулативите на Европската Унија, како и доследното спроведување на националните регулативи обезбедува висок степен на стабилност на финансискиот систем на Северна Македонија.
Нашата земја веќе постигнала високо ниво на финансиска интеграција со Европската Унија и успешно го следи патот кон целосна хармонизација.
Европската комисија презентираше збир на регулативи и директиви на Европската унија во различни области на финансиски услуги како што се: директива за хартиени обврзници, регулативи за инвестициски фирми, пакетот за закрепнување на пазарите на капитал, предлог пакетот за 2021 година за работата на банките од страна на Европската комисија како и многу други области каде што имало промени во законодавството на Европската унија, кои мора да се усогласат и да се рефлектираат во законодавството на нашата земја.
Во текот на наредната недела ќе продолжат седниците на објаснувачкиот скрининг за Кластер 2, кој се очекува да биде завршен за 2 недели, по што ќе се продолжи со Кластер 3 - Конкуретност и инклузивен раст.