Новости
четврток, 15 април 2021 12:40
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров, работната посета на Република Австрија утрово ја започна со средба со федералната министерка за Европа и Устав, Каролине Едштадлер.
Соговорниците ја потенцираа потребата од ефектуирање на минатогодишната безусловна одлука на Советот за општи работи (ГАК) на ЕУ за почеток на пристапните преговори. Димитров се заблагодари за активното залагање на Австрија за приоретизирање на прашањето за Западниот Балкан и проширувањето на ЕУ и се осврна на континуираните резултати во клучните реформски области заедно со посветеноста на земјата за надминување на наметнатите предизвици во контекст на преговарачката рамка.
Димитров: „Северна Македонија мора неодложно да ја добие долгоочекуваната и заслужена валидација преку одобрување на преговарачката рамка и одржување на меѓувладината конференција. Потребни се одлучни чекори за да се врати силата на европската визија во регионот. Придвижувањето на евроинтегративниот процес ќе значи зголемена доверба, влијание и предвидливост на европската перспектива согласно австриската позиција дека нема друга алтернатива за процесот на проширување со Западниот Балкан, а ќе внесе позитивна динамика и нова енергија неопходна за унапредување на имиџот на ЕУ како стратешки актер.“
На средбата беше потврдена континуираната принципиелна поддршка од австриска страна, но и личната заложба на министерката Едштадлер за отпочнување на преговорите за членство на Северна Македонија во Унијата и беа разменети мислења во однос на натамошните чекори за реализирање на европската перспектива на земјата и техничката помош од Австрија во таа насока. За таа цел, беше потврдено прифаќањето на поканата за возвратна посета на министерката Едштадлер, што треба да биде реализирана на почетокот на мај годинава. Воедно, беше разговарано и за стратегијата за вакцинација и беа разгледани можностите за зголемување на помошта во справување со КОВИД-19 пандемијата.
Транскрипт од изјавата на ЗПВ ДИмитров + одговор на новинарско прашање
Превод од изјавата на Каролине Едштадлер