Новости
среда, 18 ноември 2020 03:40
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска оствари прва средба со новоименуваниот амбасадор на Република Италија во Република Северна Македонија, Андреа Силвестри.
„Македонскиот јазик и идентитет не може да бидат пречка за интеграција со Унија чија културна и јазична различност е вредност што треба да се почитува согласно Лисабонскиот договор. Ниту пак македонскиот јазик може да биде пречка на добрососедски односи базирани на заемна почит.” – истакна Димитров порачувајќи дека „ќе продолжиме со обидите да бараме достоинствено решение, почитувајќи го нашето право на самоопределување, во рамките на европските принципи. Но, европските интеграции не треба да бидат во заложништво на билатерални прашања.“ и додаде:
„Истовремено, европеизацијата на нашето општество, останува клучна цел на Владата. Реформите ќе продолжат бидејќи, вистинската цел на пристапниот процес всушност е токму европеизацијата, внесувањето на европските стандарди дома. Во тој процес секоја помош од нашите пријатели ќе биде добредојдена“ - потенцираше Димитров за врeме на средбата.
Посакувајќи му успех на амбасадорот Силвестри во извршувањето на неговиот мандат, вицепремиерот Димитров изрази задоволство од билатерелната соработка и уверување за нејзино понатамошно продлабочување. Од италијанска страна беше реафирмирана силната поддршка за нашата европска интеграција.