Новости
петок, 16 октомври 2020 03:39
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров во својство на Национален координатор за странска помош денес присуствуваше на примопредавањето на донацијата која што Словачка ја обезбеди за Северна Македонија преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, како поддршка во борбата против КОВИД 19.
Покрај вицепремиерот Никола Димитров на примопредвањето присуствуваа и министерот за здравство Венко Филипче, амбасадорот и шеф на Делегацијата на ЕУ Дејвид Гир, амбасадорот на Словачка Хенрих Маркуш и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џафероски.
Димитров истакна дека во оваа огромна криза за човештвото, глобалната солидарност е клучна. На нашиот континент европската солидарност е клучна и дека денес сме сведоци на една многу конкретна помош што Владата на пријателска Словачка ја обезбедува преку Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија и информираше дека ова е петти пат како се користи овој Механизам, вклучувајќи ја и претходната помош од Австрија, Естонија, Романија и Германија.
ЗПВ Димитров: „Денешната словачка помош е потврда за словачко-македонското пријателство, за европската солидарност, но и за третманот на Северна Македонија од страна на ЕУ како веќе да е дел од европското семејство" – порача Димитров истакнувајќи дека покрај помошта која ја добиваме од земјите членки, Европската Унија ја обезбеди најголемата помош во оваа криза, покрај оние првични и итни 4 милиони евра за медицинска опрема и материјали во првите месеци на пандемијата, дополнително беа обезбедени 62 милиони евра за справување со социо-економските последици, како и 160 милиони евра макро-финансиска поддршка.
„Тоа значи дека со средствата на европските даночни обврзници се стабилизира домашниот буџет, се обезбедуваат поволни заеми и кредити за нашите домашни компании, се помагаат активни мерки за вработување на најзагрозените граѓани и се набавува заштитна медицинска опрема за нашите лекари кои секојдневно и макотрпно се борат во битката за спасување на човечките животи.
Особено цениме што во услови кога бројките растат и кризата е предизвик и за земјите членки, тие наоѓаат средства и ресурси да ни помогнат нам и за тоа сме посебно благодарни" – посочи заменик претседателот на Владата, Никола Димитров.
Министерот Филипче се заблагодари на амбасадорот на Словачка Хенрик Маркуш за значајната помош за здравствениот систем, на амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир за континуираната поддршка од самиот почеток на кризата во процесот на соработка, на вицепремиерот Никола Димитров и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Аднан Џаферовски кои од самиот почеток на кризата беа вклучени во работата на штабот којшто ја координираше целокупната работа во однос на менаџирањето на ковид кризата.
„Преку Европската Унија и преку билатерална соработка со поединечни земји членки на ЕУ, ние практично почувствувавме и на своја кожа што значи европската солидарност и тогаш кога е најмногу потребна. Од самиот почеток ги добивме најзначајните работи кои го зајакнаа нашиот здравствен систем. Тоа беа делови на опрема пред се респираторни машини, заштитни маски, материјали до кои на почетокот на кризата и многу тешко се стигнуваше. Практично имаше дефицит насекаде во светот. Видовме што значат овие механизми на помош, без коишто веројатно многу тешко ќе се справувавме со кризата. Благодарност до евроамбасадорот Гир и за отворената врата за следната година за соработка во делот на ИПА програмите, за првпат во секторот здравство. Благодарание на соработката со Европската Унија ние добивме брз пристап до лекот Ремдесивир", потенцираше Филипче.