Новости
среда, 14 октомври 2020 03:30
Во фокусот на денешната средба меѓу вицепремиерот Никола Димитров со црногорската амбасадорка Марија Петровиќ беше европската перспектива на Северна Македонија и Црна Гора, во светло на новата методологија за преговори, која нуди можност за поголемо динамизирање на процесот.
ЗПВ Димитров: „Со пријателска Црна Гора имаме заедничко минато, но уште поважно и споделена иднина како дел од европското семејство. Колку брзо ќе ја исполниме оваа заедничка стратешка цел, ќе зависи и од брзината со која што ќе ги спроведуваме домашните реформи. Со меѓусебна соработка и поддршка, верувам дека повторно ќе се радуваме на уште едно сојузништво".
Соговорниците се согласија дека Договорот за соработка меѓу Северна Македонија и Црна Гора во процесот на пристапување во Европската Унија, претставува одлична рамка за понатамошно продлабочување на соработката и размена на искуства меѓу двете земји. Договорот предвидува низа активности, меѓу кои формирање на заеднички комитет со претставници од ресорните институции од двете земји преку кои што во минатото се реализирани низа работилници и билатерални состаноци.
Беше реафирмирана потребата од зајакнување на соработката во наредниот период, особено ако се има предвид дека Северна Македонија очекува да ги отпочне пристапните преговори до крајот на годината, а црногорското искуство може да биде додадена вредност во нашите подготовки за овој предизвик.