Новости
сабота, 10 октомври 2020 06:47
Заменик претседателот на Владата задолжен за евроски прашања, Никола Димитров денеска оствари прва официјална средба со новоназначениот амбасадор на Словенија во Северна Македонија, Милан Предан.
Посакувајќи му успех во преземањето на новата функција, вицепремиерот Димитров истакна дека континуираната поддршка од пријателска Словенија е од огромна важност во клучниот период за нас, што ќе добие на нов квалитет особено за време на словенечкото претседателство со Советот на Eвропската Унија од јули следната година, ставајќи го процесот на проширување во фокусот на своите приоритети.
ЗПВ Димитров: „Словенија е еден од нашите најсилни поддржувачи и сојузници на патот кон ЕУ. Искрено се надевам дека одличната соработка ќе ја интензивираме во наредниот период, особено во насока на пренесување на словенечкото искуство во пристапните преговори“- посочи Димитров, потенцирајќи ја успешната развојна билатерална соработка која што по петгодишна пауза, беше заокружена со минатогодишното потпишување на Меморандум за билатерална развојна соработка за 2020-2021 година.
Во контекст на Извештајот на Европската комисија, на средбата беше констатирано дека неговото објавување се одвива во период кој се карактеризира со зајакнато внимание на процесот на проширување помеѓу земјите членки на ЕУ, период кога се во тек дискусиите за преговарачката рамка за нашата земја и кога го очекуваме одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамките на германското претседателство .