Новости
вторник, 06 октомври 2020 08:45
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска одржа заедничка прес-конференција со шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир, на која беше презентиран Извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2020 година, како и пакетот за проширување.
ЗПВ Димитров потсети дека периодот на известување, особено вториот дел од периодот што го покрива извештајот беше полн со предизвици кои нужно влијаеа на динамиката на реформите : „Покрај пандемијата, здравствената криза во која се’ уште се наоѓаме и ние и светот, подолг временски период имавме техничка влада без политички мандат и нефункционално Собрание. Сепак и во вакви ограничувачки услови Северна Македонија постигна напредок; може и треба да бидеме задоволни од целокупната оценка на Европската комисија. “ - истакна Димитров, при што нагласи дека радува нотираниот напредок во спроведување на европската агенда, особено во четрите клучни области посочени од заклучоците од Европскиот совет: реформа на правосудството, борбата против корупција, реформа на разузнавачките служби и реформа на јавната администрација.
Осврнувајќи се на напредокот во правосудниот систем Димитров потенцираше дека како резултат на реформите Северна Македонија има воспоставено механизми кои обезбедуваат независност и отчетност на правосудството.
Вицепремиерот Димитров објасни дека во споредба со минатата година забележан е добар напредок во борбата против корупцијата што произлегува од преземените активности за откривање, гонење и судење на случаи на висока корупција, како и проактиваната улога на Државната комисија за спречување на корупцијата и која што отвори предмети за корупција вклучително и за функционери од власта и членови на опозицијата.
„Состојбата и климата во која работат медиумите овозможуваат слобода на медиуми и критичко известување. Клучните препораки за идниот период се реформа на јавниот радиодифузен сервис, за што ќе биде потребно во најбрз можен рок избор на Програмскиот совет и на релевантната односната агенција за аудио-визуелни медиуми, борба против дезинформации, но и ефикасно санкционирање на сите случаи на физичко и вербално насилство врз новинари. Во однос на реформата на јавната администрација има напредок од аспект на зголемување на транспарентноста заради, меѓу другото и донесување на Стратегијата за транспарентност, но треба доследно да се спроведува законската рамка за вработувања во јавниот сектор, почитувајќи ги принципите на заслуги (мерит), транспарентност и правична застапеност. Меѓуетничката состојба е оценета како стабилна, се нотира за прв пат и формирањето на предизборна коалиција со партии од различна етничка ориентација (меѓу СДСМ и Движењето Беса)“ – нагласи Димитров.
Тој изрази благодарност за обезбедените 9 милијарди евра за поддршка на реформите во регионот преку Економско-инвестициски план, средства кои ќе бидат наменети за завршување на веќе започнати, но и на нови проекти како: изградба на пречистителната станица во Скопје, изградба на железничката секција Куманово - границата со Бугарија, како дел од европскиот коридор 8, изградба на регионални центри за третман на цврст отпад, изградба на гасоводно поврзување со три од нашите соседи Србија, Косово и Грција, инвестиции во централи за обновливи извори на енергија (како што се посочени во планот ветер и сончевата енергија), поддршка на млади преку програмата Младински гаранции итн, и додаде:
Димитров: „Ние во СЕП сме свесни дека со новата методологија за пристапување и почетокот на преговори, фокусот на Европската комисија и земјите членки ќе бидe зајакнат и очекувањата за исполнување на обврските ќе бидат зголемени. Северна Македонија во изминатите години докажа дека не се плаши и не се повлекува пред предизвиците и оттаму, подготвени сме во партнерски однос со Европската комисија, со Делегацијата на ЕУ, со амбасадорот Гир, да одговориме на сите задачи до одлучно остварување на заедничката цел - членство во Европската Унија и носење на европските стандарди и принципи дома.“ – порача Димитров.