Слободен пристап до информации
БИОГРАФИЈА:
Никола Димитров на 31 август 2020 година стапува на функцијата Заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања. Пред да стапи на должноста вицепремиер за европски прашања, тој беше Министер за надворешни работи на Република Северна Македонија од 1 јуни 2017 година. Тој е роден во Скопје, во 1972 година.
ПРОФЕСИОНАЛЕН АНГАЖМАН:
Како професионален дипломат од 1996 година, тој има богата дипломатска кариера. Беше Заменик министер за надворешни работи на Република Македонија во 2000 година, како и вонреден и ополномоштен амбасадор во САД (2001-2006) и Кралство Холандија и постојан претставник при Организацијата за забрана на хемиско оружје (2009-2014). Во периодот помеѓу 2003 до 2008 година, вицепремиерот Димитров беше Специјален пратеник во разговорите со Грција, за надминување на разликата околу името, под покровителство на Обединетите Нации. Тој беше и ко-застапник на Република Македонија во случајот против Грција пред Меѓународниот суд на правдата (Примена на Времената спогодба од 1995 година) (2008-2011). Меѓу поважните професионални ангажмани се вбројуваат и позициите: Национален координатор за интеграција во НАТО (2006-2009), Специјален пратеник на Владата за европски и евроатлантски интеграции во Брисел, Кралство Белгија (2007-2008) како и Советник за национална безбедност на Претседателот (2000-2001). Други професионални ангажмани на вицепремиерот Димитров се: Истакнат член на Хашкиот институт за глобална правда, Хаг, Холандија (2014-2017), Член на Постојаниот суд за арбитража, Хаг, Холандија (од 2011), Член на Советодавниот одбор, ЕВРОТИНК – Центар за европски стратегии (од 2016), Член на Балканот во Европа, Советодавна група за политики, Европски фонд за Балканот и Центар за ЈИЕ студии при Универзитетот во Грац, Австрија и член на Управниот одбор, Фондација за интегрирано образование (од 2015), како и демонстратор на Правниот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” по Меѓународно јавно право и Меѓународно право за правата на човекот (1996-2001).
ОБРАЗОВАНИЕ:
Министерот Никола Димитров во 1998 година станува магистер по правни науки на Универзитетот во Кембриџ, Обединетото Кралство. Во 1996 година дипломира на Правниот факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Никола Димитров е добитник на наградата „26 јули” на Фондација „Франк Манинг“. Во 2012 година посетува професионална обука, Џон Ф. Кенеди Факултетот за администрација при Универзитетот Харвард.
Вкупно нето плата: 71,385 ден
Податоци од анкетен лист за имотна состојба
Калинка Габер e политиколог, дипломирана политиколог од Универзитетот Џон Кабот (John Cabot University) во Рим, Италија. Најголемиот дел од професионалниот живот го поминува во граѓанскиот сектор, на теми фокусирани на анализа на политичките состојби, едукација и тренинг, изградба на демократски капацитети и развој на политики во сферата на родовата еднаквост и социјалната сфера. Членувала и членува во советодавни и управни одбори на реномирани домашни и меѓународни организации, меѓу кои и во Родовата мрежа на земјите од Централна и Источна Европа (2018-), уредничкиот тим на Транспарентност Македонија (2009-2013), Советодавниот борд на German Marshal Fund (2006-2009) и Bertelsman Foundation Transformation Index (2008). Во својата кариера, Габер има работено и како консултантка на проекти имплементирани од страна на Меѓународниот републикански институт, UNOPS и UNMIK. Зборува македонски (мајчин); англиски, италијански, српски/хрватски (активно); француски и албански (пасивно).
Вкупно нето плата: 60,500 ден