Новости
четврток, 12 септември 2019 14:36
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар
Османи оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Кралството Холандија во
Република Северна Македонија, Дирк Јан Коп.
На средбата се разговараше за актуелностите во земјава, за досегашната
соработка меѓу двете земји, со посебен акцент на евроинтеграциите, во пресрет
на очекувањата од престојаните самити на Европската Унија во октомври годинава.
Вицепремиерот Османи изрази голема благодарност за континуираната
поддршка од страна на Кралството Холандија, земја која од осамостојувањето на
нашата држава е една од најголемите донатори и силен поддржувач на
интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ и НАТО. Во оваа насока тој
потенцираше дека поддршката на Холандија во спроведувањето на реформската агенда на Европската Унија е од
фундаментално значење за нас, особено
кога станува збор за владеењето на правото и доброто владеење, односно во
институционалното зајакнување на земјава, како една од најважните придобивки на
современото општествено живење, но и како континуиран бенчмарк за напредок во
европските интеграции.
Средба со новиот холандски амбасадор во земјава се
одржа непосредно пред почетокот на европската турнејата на Вицепремиерот Османи, која започнува со работна
посета на Кралството Шведска, а во која, меѓу останатите земји, секако се
очекува да се најде и Холандија.