Новости
четврток, 25 јули 2019 13:00
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар
Османи, како координатор на Владата за имплементација на проектот Скопје –
Блаце, заедно со Директорот на Јавното претпријатие за државни
патишта, Зоран Китанов, денес јавно ја презентираа објавата на тендерот за
реализација на првата фаза од автопатот Скопје – Блаце.
„Како координатор на проектот, ми претставува особено задовоство што
денес можеме да објавиме дека стартува проектот Скопје – Блаце, еден од
најважните инфраструктурни приоритети на Владата, со кој Република Северна
Македонија ќе се поврза со автопат со Република Косово“, истакна Османи,
упатувајќи на денешната објава на тендерот за изведба на првата фаза од
автопатот во должина од 2км, почнувајќи од границата кон Скопје.
Османи потсети и на самитот на Берлинскиот процес што се одржа во Познан,
Полска, на почетокот од месеов, каде во рамките на Инвестициската рамка за
Западен Балкан (WBIF), се обезбедија нови 27 милиони евра (27,2) – грант, т.е.
неповратни средства од страна на Европската Унија, наменети за финансирање на
вториот дел од трасата, во должина од околу 11 километри.
„Со изградбата на овој автопат, и негово поврзување со автопатот Приштина
- Блаце, временското поврзување меѓу Скопје и Приштина ќе се намали од преку
два часа на помалку од еден час, со што Скопје и Приштина и суштински ќе станат
најблиските главни градови на Балканот“- нагласи Османи, потенцирајќи ја
важност на овој проект, како од економски аспект, за унапредување на трговската
размена меѓу двете земји, така и од политички и општествен аспект, во насока на
поврзување на земјите и народите во регионот“, истакна Османи
„Идниот автопат ќе биде изграден според Европски стандарди со 2 ленти за
возење и 1 лента за принудно застанување во еден правец. Ширината на лентите за
возење се по 3,5м, лентата за принудно застанување е 2,75м односно целосната
широчина на асфалтниот коловоз во еден правец изнесува 10,25м. “, изјави
Директорот на ЈПДП, Зоран Китанов, посочувајќи дека краен рок за понудите за
тендерот кој се објавува денес, за правата фаза од автопат од ГП - Блаце до с.
Блаце во должина од 2км., ќе биде до 04. септември оваа година. Китанов посочи
дека на делницата е предвидено да се изгради една клучка за поврзување со
селото Блаце и постојниот магистрален пат, а посочи дека се проектирани и два
кружни текови заради поврзување со царинскиот терминал Блаце и постојниот
магистрален пат, за кој посочи дека ќе служи како алтернативен пат.