Новости
петок, 07 септември 2018 14:10
Заменик Претседателот на Владата, задолжен за европски прашања Бујар Османи во улога на главен преговарач, заедно со неговиот заменик и технички преговарач, Бојан Маричиќ, денеска ја посетија живинарската фарма Везе Шари во Тетово, како дел од Европскиот караван за подготовка за процесот на преговори и промоција на европските перспективи.
„Денес имавме исклучително интересна поста на живинарската фарма ‘Везе Шари’, која претставува вистински позитивен пример за имплементација на европските стандарди во македонската индустрија, имајќи предвид дека компанијата е една од неколкуте, која ја има искористено можноста и има обезбедено дозвола за извоз на конзумни јајца на пазарите на Европската Унија, како и дел од средствата од програмата ИПАРД за рурален развој.”- истакна Османи во воведот од своето обраќање пред медиумите.
Во продолжение тој додаде дека оваа компанија во 2016 година реализирала проект во износ од околу 500.000 евра од кои повеќе од половината се средства од ИПАРД, со што е набавена опрема за преработка на месото по европски стандарди. ЕУ оваа финансиска поддршка ја доделува со цел интензивирање на процесите за постигнување поголема конкурентност преку достигнување на стандардите на ЕУ за квалитет, здравје, безбедност на храната, здравјето на животните и животната средина итн.
„Република Македонија, уште во 2016 година, по извршената мисија за евалуација на контролниот систем за заштита на живина, спроведена од страна на надлежните служби на Европската Унија, беше ставена на листата на трети земји на кои им е одобрен извоз на конзумни јајца и транзит низ територијата на Европската Унија, со што на компаниите како што е ‘Везе Шари’ ѝ беше овозможено да обезбеди ваква соодветна дозвола. “- потенцираше Османи.
Во овој контекст Османи додаде дека оваа тематика уште подетално ќе биде предмет на преговори во рамките на поглавјето 12 кое се однесува на Безбедност на храната, како и ветеринарна и фитосанитарна политика, но и поглавјето 11 кое се однесува на земјоделство и рурален развој, чија поддршка претставува една од најважните политики на Европската Унија.
Со денешната посета на живинарската фарма Везе Шари продолжува т.н.“Европскиот караван” во рамките на кој преку теренски активности, разговори и посети ќе се обезбеди широко информирана подготовка за процесот на преговори – процес кој неминовно ќе има влијание и врз бизнисот и врз сите останати процеси во Република Македонија.