Новости
вторник, 03 јули 2018 10:24
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи оствари средба со Амбасадорот на Обединетото Кралство во Република Македонија, Чарлс Герет по повод завршувањето на неговиот мандат.
„Искрена благодарност за целиот ваш ангажман и посветеност, особено вашата упорност да ни помогнете да ја пребродиме длабоката политичка и институционална криза, а потоа и да ја вратиме Македонија на евроатлантскиот пат, пат кој нè доведе до поканата за членство во НАТО, и до датум за почеток на преговори со Европската Унија“, истакна Османи, посочувајќи ја улогата на амбасадорот Чарс Гарет како една од клучните за денешниот успех на државава.
Покрај стратешките цели на државата како што се ЕУ и НАТО интеграцијата, Османа посочи и на постигнатиот напредок во соработката во различни области: поддршка на реформите во македонската администрација, образованието, во правосудниот систем, демократијата и социјалната кохезија, реформи во безбедносниот систем итн. „Македонија и Велика Британија остварија соработка во голем број области, и најмалку што очекувам е оваа соработка да продолжи и во иднина, а се надевам, и да се продлабочи “ - истакна Османи.
Османи изрази благодарност до Велика Британија која и покрај сложените сопствени предизвиците околу процесот БРЕГЗИТ, сепак останува силен поддржуваш на политиката на проширување на ЕУ, која ја смета како гарант за стабилноста и безбедноста на Европа во целина. „За неполна недела, Лондон ќе биде домаќин на земјите од Западниот Балкан, кои заедно со претставниците на Европската Унија, како дел од т.н. Берлински процес, ќе ја реафирмираат својата евроатлантска ориентација, ќе ги разгледаат предизвиците за унапредувањето на меѓусебната соработка, и ќе ги отворат можностите за побрза интеграција на Западниот Балкан во Европската Унија“ - посочи Османи.