Новости
петок, 08 јуни 2018 16:21
Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со претставниците на Секретаријатот за европски прашања, го презентира Планот 18 пред претставниците на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ
На средбата Османи најпрво изрази благодарност до опозицијата, за нивната конструктивна улога во насока на имплементацијата на реформите од Планот 3-6-9, со што се создадоа услови за суштински напредок во реформската агенда на државата, што беше потврдено и од страна на Европската Комисија во нејзиниот последен извештај за земјава.
„Имам целосно разбирање за потребата на опозицијата да гради алтернативни политики од оние на Власта, но, апелирам, за суштинските реформи, за евроатланската перспектива но и за стратешките интереси на земјава, да изградиме политички и севкупно, општествен консензус, кој ќе претставува катализатор на напредокот на земјата“ – изјави Османи.
Во продолжение на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ им беа претставени клучните области на новиот реформски План 18, како и досегашните предлог мерки на планот, како основа на која во претстојниот период Секретаријатот за Европски прашања ги собира, систематизира и обработува сите предлози кои доаѓаат од Делегацијата на Европската Унија, Администрацијата на ЕУ во Брисел, домашниот Граѓански сектор, експертската јавност, и секако, од опозицијата.
„Вашите предлози, коментари и евентуални забелешки, имаа посебен третман во дефинирањето на целовитоста на Планот 18, имајќи ја предвид интенцијата на Владата и владејачкото мнозинство, за изградба на политички консензус, и тоа не само за законите кои упатуваат на тоа поради потребата од двотретинско мнозинство, туку како клучна политичка придобивка која упатува на сериозноста на државата“ – изјави Османи
На крајот, Османи посочи и дека имплементацијата на реформите од Планот 18, покрај нивното огромно значење за напредок во европските интеграции, имаат и суштинско значење во изградбата на поквалитетен живот за сите граѓани на оваа земја, подобри услови за водење бизнис, поголем економски напредок, повеќе работни места, повеќе правда за секој од нас, и севкупно, создавање на подобро општество за сите нас.