Новости
петок, 27 април 2018 15:05
Заменик Претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со Генералниот Директор на Директоратот за Европската Унија при Министерството за надворешни работи на Република Италија, Џузепе Бучино.
Вицепремиерот Османи најнапред изрази благодарност за досегашната поддршка на Италија за евроатланската интеграција на Македонија и го поздрави ставот на Италија дека процесот на проширување на Европската Унија нема да биде завршен сè додека сите земји од Западен Балкан не се приклучат на големото европско семејство.
„Сега, откако Грција и официјално потврди дека нема да го спори нашиот влез, очекувам набрзо да се приклучиме на Италија и на останатите земји во Јадранско - Јонскиот макро регион“ истакна Османи на средбата, потенцирајќи ја притоа важноста на меѓусебната соработка на земјите од Западниот Балкан, која и сега се одвива под засилено темпо низ останатите иницијативи како што е и Берлинскиот процес.
Во текот на разговорот, Османи се осврна и на позитивниот Извештај на ЕК за состојбите и напредокот на Македонија на патот кон ЕУ, кој покажа дека Република Македонија успешно ги адресира Ургентните приоритети, дека е надмината политичката криза, и дека земјата е вратена на нормалниот демократски колосек. Тоа, нагласи Османи, заедно со чистата препорака за почеток на преговорите, претставува поттик за државава да остане фокусирана на реформите и посветена на евроатлантската агенда.
„Испорачавме реформи, онака како што предвидовме во Планот 3-6-9, создаваме политичка клима со која ги затвораме и отворените политички прашања, а имаме значително подобрување на односите со соседите. Нашата цел е јунскиот Совет на ЕУ да ја потврди препораката на Европската Комисија и Македонија да започне преговори“, истакна Османи.
На средбата беше отворена и темата за билатералните односи, при што соговорниците констатираа дека меѓу Република Македонија и Република Италија нема отворени политички прашања, и дека тоа претставува потенција за унапредување на меѓусебната соработка.