Новости
четврток, 15 февруари 2018 09:23
Денес во Владата на Република Македонија во рамки на генералниот колегиум, се одржа 38 седница на Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ) со која претседаваше Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи. Главна тема на состанокот беше статусот на реализацијата на реформите во клучните области содржани во Планот 3-6-9 како и новите потенцијали согласно пораките содржани во новата Стратегијата на Европската Комисија за проширување со земјите од Западниот Балкан до 2025 година.
„Добивме исклучително позитивни пораки од страна на Европската Комисија, со кои се валоризира досегашниот напредок во имплементацијата на реформите и подготовката на земјата за напредок во европските интеграции“ – истакна Османи, додавајќи дека Комисијата испрати јасни пораки дека Македонија треба да очекува чиста препорака за почеток на преговори со следниот извештај, но и согласно отстранувањето на политичките пречки, одлука од страна на Советот на ЕУ за почеток на преговори.
Османи ја истакна одговорноста и улогата на членовите на Работниот комитет за фокусот на целата администрација кон предложените реформи, притоа потенцирајќи дека оваа 2018 година претставува најзначајна година за европските интеграции на земјата, период во кој следат серија настани преку кои треба да ја изградиме нашата позиција за членство во Европската Унија.
„Почетокот на преговорите со Европската Унија станува реалност за Република Македонија, и, покрај Секретаријатот, како предводник на евентуалниот процес на преговори, потребно е и целата администрација соодветно да ги подготви капацитетите за трансформација на државата и општеството кон европските правила, стандарди и вредности“ – истакна Османи. Во истиот контекст Османи најави засилен мониторинг преку механизмот за надгледување и координирање на реформите, но и почести седници на Комитетот.
Работниот комитет за европски интеграции (РКЕИ) претставува највисоко административно тело во на владата во кое членуваат државните секретари на министерствата, претседавачите на Поткомитетите, раководителите на работните групи, Генералниот секретар на Владата, како и администрацијата на Секретаријатот за европски прашања.