Новости
вторник, 07 ноември 2017 11:06
Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на неговата прва официјална посета на Република Хрватска, оствари средби со високите политички претставници на Хрватскиот Парламент. Тој оствари средба со Потпретседателот на Собранието на Хрватска, Жељко Рајнер, со Претседателите на Комисијата за европски прашања, и Комисијата за надворешна политика при Собранието на Република Хрватска, Домагој Иван Милошевиќ и Миро Ковач, каде беа отворени темите за соработката меѓу двата парламенти, регионалната соработка на земјите од Западниот Балкан во рамките на европските процеси, како и за европските перспективи на целиот регион.
На средбите, Вицепремиерот Османи го потенцираше новиот политички наратив во Република Македонија, кој е во насока на европскиот оптимизам кој е проширен и во целиот регион, но и кај земјите членки на Унијата. Со повеќето соговорници беа разменети мислења за предизвиците со кои се соочува регионот, начините како да се обезбеди кредибилност на европските перспективи, процесот на проширување на Европската унија со земјите од Западниот Балкан, како и соработката меѓу земјите од регионот. На средбите беа отворени и прашањата за справувањето со европските предизвици, како што се лажните вести, пробивот на радикалниот популизам, национализмот, геополитичко влијание од Исток, предизвиците на мигрантската криза итн. Беше констатирано дека сите регионални и европски предизвици на Балканот треба да се решаваат во насока на европските вредности, и најдобро, со засилување на европските перспективи на регионот, како и со задржување на кредибилноста на процесот на проширување. „Само кредибилните европски и евроатлантски перспективи на Балканот можат да ги затворат регионалните предизвици“ истакна Османи.
Во рамките на посетата на Хрватска, Османи претходно имаше средба и со неговата колешка Марија Пејчиновиќ-Буриќ, Заменик Претседателката на Владата на Република Хрватска и Министерка за надворешни работи и европски прашања, а на маргините од посетата имаше и обраќање пред дипломатските претставници во Хрватска која се одржа во просториите на Делегацијата на Европската Унија во Загреб на тема „Нова страница за Македонија: 2018 – година на кредибилна перспектива за проширување“.