Новости
четврток, 21 септември 2017 15:22
Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи беше домаќин на делегација на претставници од Домот на Лодровите/Горниот дом на Парламентот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, составена од Баронесата Џин Елизабет Касинс, Лордот Брус Џозеф Грокот, и советниците Рошани Паламакумбура и Кенет Морисон.
На средбата се разговараше за перспективите на Република Македонија во наредниот период, поддршката на Велика Британија , како и можностите за нејзиното унапредување. „Вашата посета овде покажува дека, иако Брегзит е во процес, вашата земја сè уште ја поддржува важноста на политиката на проширување за безбедноста, стабилноста, демократијата и владеењето на правото во Европа“, истакна Вицепремиерот Османи на почетокот на средбата.
Поддршката од Владата на Велика Британија за евроатлантските аспирации на Македонија е евидентна. Доказ за тоа е и неодамнешното потпишување на Заедничката изјава за партнерство и соработка помеѓу двете земји, а Лондон идната година ќе биде и домаќин на Самитот за Западен Балкан. „Велика Британија отсекогаш било еден од најсилните билатерални донатори на Македонија, што претставува еден од позначајните фактори за нашиот развој“, рече Османи, изразувајќи притоа очекување дека поддршката на Обединетото Кралство за спроведување на реформите во земјава ќе продолжи и во наредниот период.
Во однос на претстојниот Брегзит, на средбата се разговараше и за билатералните односи меѓу двете земји кои е потребно да се регулираат соодветно на новите состојби. Беа отворени темите за меѓусебните трговски односи, заштита на странските инвеститори кои доаѓаат од Велика Британија, статусот и заштитата на македонските граѓани кои живеат и работат во Велика Британија итн. Како посебно важна за Република Македонија, беше отворена и темата за придонесот во буџетот на ЕУ од страна на Британија, нешто што има силно влијание и на ИПА фондовите кои, пак, се од особено значење за Македонија. Вицепремиерот Османи порача дека постои отвореност за дискусија за сите овие прашања кои би можеле да произлезат од процесот на Брегзит и изрази надеж дека Брегзит нема да влијае негативно како на меѓусебните односи, така и на процесот на интегрирање на целиот регион во Европската Унија.