Новости
среда, 16 август 2017 13:40
Денес, Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија, Бујар Османи, во Вилата Водно, оствари средба со Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
На средбата беа отворени актуелните политички прашања, кохабитацијата меѓу Владата и Претседателот на државата, како и односите меѓу политичките претставници и можностите за унапредување на меѓусебната соработка.
„Иако наша партиска определба останува принципот на етничка консензуалност при изборот на следниот Претседател на Република Македонија, подаваме рака за остварување на единство, консензус и поддршка за реформите потребни за нашите европски и евро-атлантски интеграции. Инклузивноста е важна за да обезбедиме постабилна и поредовна кохабитација меѓу Владата и Претседателот на Република Македонија, со што би се обезбедила поефикасна и постабилна функционалност на политичкиот систем.“ - истакна Османи по средбата.
На Средбата, Вицепремиерот Османи го претстави Планот 3-6-9, и го информираше Претседателот за текот и начините на кој се остварува имплементацијата на реформските мерки. Тој побара поддршка од Претседателот Иванов за имплементација на мерките и реформите од Планот 3-6-9, како и остварување на политичко единство по клучните политички прашања, како што се договорот со Бугарија, но и новиот пристап во градењето доверба меѓу Македонија и Грција. „Меѓу другото, особено внимание посветив на експликација на делот од Планот поврзан со меѓуетничките односи, т.е. новиот предлог закон за употреба на јазиците. Покрај поддршката и за останатите мерки од Планот 3-6-9, од Претседателот Иванов побарав поддршка и за новиот закон за употреба на јазиците.“- додаде Османи, истакнувајќи дека очекува поддршка за новиот закон за употреба на јазиците и од опозициската ВМРО –ДПМНЕ, со што би се постигнал политички и меѓуи-нституционален консензус за ова важно прашање.