Новости
вторник, 13 септември 2016 12:42
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Арбр Адеми, денес оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Европската Унија во Република Македонија, Н.Е. г. Самуел Жбогар.
Вицепремиерот Адеми му посака на новиот евроамбасадор Жбогар успешна реализација на проектите за време на неговиот мандат и изрази уверување дека ќе продолжи успешната соработка меѓу Секретаријатот за европски прашања и Делегацијата на Европската унија и во претстојниот период.
За време на средбата соговорниците се осврнаа на политичката состојба во земјата при што беше посочена важноста на одржување на демократски парламентарни избори. Секако беше нагласена и важноста на исполнувањето на обврските кои произлегуваат од Итните реформски приоритети. Во тој контекст, вицепремиерот Адеми потврди дека европската интеграција останува стратешки приоритет на Македонија и дека ќе продолжат сите активности за поефикасно реализирање на преземените обврски.
Соговорниците се согласија и за важноста од продолжување на координативните состаноци со цел да се обезбеди поефикасно планирање и искористување на ЕУ фондовите.