Преговори
Методологијата на воспоставување одредници пред започнувањето на преговорите за прв пат е воспоставена при преговорите со Хрватска и Турција, како израз на зајакнување на политиката на условеност на Унијата. Според Стратегијата за проширување на Унијата (2006 г.) одредниците се „нова алтака воведена како резултат на научените лекции од петтото проширување. Нивната цел е да се унапреди квалитетот на преговорите, преку обезбедување на стимуланси за земјите кандидатки да преземат неопходни реформи во рана фаза. Одредниците се мерливи и се поврзани со клучни елементи на поглавјето од правото на ЕУ.
Одредниците за затворање на поглавје се однесуваат на законодавни мерки, на управни или правосудни органи, како и на податоци за спроведување на правото на ЕУ. Одредниците коишто ги покриваат поглавјата од економија се однесуваат на критериумот на функционална пазарна економија. Доколку земјата кандидатка престане да исполнува одредница за отворање на поглавје за поглавје за коешто веќе се водат преговори, Комисијата може да предложи да се суспендираат преговорите за тоа поглавје. Ако земјата кандидатка престане да ги исполнува одредниците за поглавје кое е веќе прелиминарно затворено, Комисијата може да предложи преговорите за тоа поглавје повторно да се отворат. Можно е и ажурирање на одредниците, со цел да се инкорпорираат нови елементи од правото на ЕУ.
По одлуката за отворање на преговори по поглавје, земјата подготвува преговарачко стојалиште за соодветното поглавје и го доставува во Брисел.
Комисијата го анализира преговарачкото стојалиште и подготвува нацрт преговарачко стојалиште кое го доставува до земјите членки во Брисел. Потоа земјите членки одлучуваат за заедничкото стојалиште на ЕУ, кое го доставуваат до земјата кандидатка, по што можат да почнат преговорите.
Ваквата поставеност и методологија на преговорите укажува дека земјата кандидатка всушност преговара со сите земји членки, додека Европската комисија се јавува во функција на медијатор којшто ја застапува земјата кандидатка, во мерка во која тоа го дозволува правото на ЕУ и лојалноста на институциите во ЕУ.
Преговарачките стојалишта се официјални документи коишто се заведуват и чуваат во Секретаријатот на МВК. Тие ја покажуваат усогласеноста на националното законодавство со ЕУ законодавството за даденото поглавје во моментот на отворање на преговорите и ја содржат обврската за целосно усогласување до датумот на пристапување. Во случај кога не е можно целосно усогласување во дадено поглавје до датумот на пристапување се бараат преодни периоди или исклучувања (дерогации). Преодните периоди се всушност дозвола дадена на земјата кандидатка да применува одреден акт на ЕУ на нејзината територија определен број години по нејзиното пристапување. Тие вообичаено се одобруваат во поединечни сектори, во ограничен број и за определено време. Не е вообичаено одобрување, на пример, за внатрешниот пазар.
Исклучувањата се трајна или времена дозвола дадена од ЕУ на земјата членка или на земја кандидатка да не применува одреден акт на Заедницата или делумно да го применува. Трајни дерогации има малку во историјатот на Унијата и веќе воопшто не се применуваат, така што оваа опција практично за следните проширувања е затворена. Привремени дерогации се можни, но во практиката можностите за нив се стеснети. Привремените дерогации по својот исход се идентични со преодните периоди.
Преговорите за дадено поглавје времено завршуваат со изработката на финална општа позиција на земјите членки. Постигнатите договори за одредени поглавја не можат да се сметаат за конечни се додека не е постигнат целосен договор за сите поглавја т.е. важи принципот „ништо не е затворено додека сè не е затворено". Исто така, можно е повторно отворање на веќе затворени поглавја.
Постои можност Комисијата да препорача (по своја иницијатива или по барање на 1/3 од земјите членки) суспензија на преговорите доколу не се исполнети поставените обврски во преговарачкиот процес (за РМ тоа се обврските од Европското партнерство и од ССА).
Со затворањето на преговорите, се потпишува Договорот за пристапување, кој подлежи на согласност на Европскиот парламент и потоа се поднесува на ратификација на земјите членки и на земјата кандидатка, која се одвива во согласност со нивните уставни одредби.