Новости
четврток, 12 мај 2016 16:25
На 10 и 11 мај 2016 година во Бар, Црна Гора се одржа вториот Заеднички комитет помеѓу Република Македонија и Црна Гора на кој присуствуваше делегација од повеќе институции во Република Македонија предводени од Државниот Секретар во Секретаријатот за Европски прашања, Ана Блажеска. Заедничкиот комитет помеѓу Република Македонија и Црна Гора е во рамки на Договорот за соработка меѓу Владите на Република Македонија и Црна Гора во процесот на европски интеграции. Одржувањето на вториот Заеднички комитет помеѓу Република Македонија и Црна Гора претставува уште една потврда за континуирана соработка и меѓусебна поддршка на патот на европските интеграции за македонските и црногорските институции во полиња од заеднички интерес.
На Заедничкиот комитет се разговараше за повеќе теми од неколку области. Државниот Секретар Блажеска истакна дека членството на државите од Западен Балкан во ЕУ не значи само желба туку пред се, исполнување на зададените критериуми и сеопфатни реформи во повеќе области од кој приоритет треба да бидат владеењето на правото и почитувањето на човековите права, реформа на правосудството и борбата против корупцијата и низа други реформи во области кои се опфатени со Пристапниот дијалог на високо ниво.
На комитетот се потенцираше значењето на Агендата за поврзување која е во фокусот на земјите од Западен Балкан и претставува добра можност за зајакнување на соработката меѓу сите земји. Со потпишување на Заедничката Декларација за воспоставување соработка со земјите од Западен Балкан, август 2015 во Виена, сите земји од Западен Балкан се обврзаа да спроведуваат меки мерки за транспорт и енергетика. За исполнување на овие мерки и подобра взаемна соработка од особено значење е размената на искуства и заеднички пристап кон предизвиците.
Истакнато беше дека една од основните цели во областа на енергетиката е поттикнување на конкуренцијата, со почитување на правилата за недискриминација, објективност и транспарентност како и интегрирање на енергетските пазари на земјата во регионалните и меѓународни енергетски пазари.
Заедничкиот комитет меѓу Република Македонија и Црна Гора има голема важност затоа што преку поддршката кој македонските институции ја добиваат во континуитет и размената на искуства се олеснува заедничкиот пат кон европски интеграции.
Заедничкиот комитет помеѓу Република Македонија и Црна Гора се одржа со помош и поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ).