Новости
четврток, 21 април 2016 15:36
Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, д-р Арбр Адеми денес оствари прва официјална средба со амбасадорката на Република Германија во Република Македонија, г-ѓа Кристине Алтхаузер.
На средбата, Вицепремиерот Адеми и Амбасадорката Алтхаузер се осврнаа на политичката криза во земјава, истакнувајќи дека е потребно сите потписници на договорот од Пржино да ги исполнат своите обврски за надминување на состојбата.
Вицепремиерот Адеми го изрази своето уверување дека и покрај моменталната состојба, Република Македонија стои и ќе остане на својата евроатланска стратешка ориентација. Ние сакаме да станеме членка на НАТО, во најкус можен рок, а исто така сакаме да ги започнеме и пристапните преговори за членство во ЕУ, истакна Адеми.
Вицепремиерот Адеми изрази благодарност за досегашната германска поддршка на земјава, со очекување дека соработката ќе продолжи во идниот период. Република Македонија и Сојузна Република Германија негуваат традиционално добри билатерални односи, кои се гледаат во тесната соработка како стратешки партнери, што се реализира преку одредени заеднички проекти, како и директна поддршка преку канцеларијата на ГИЗ.