Денес, заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, се сретна со амбасадорката на Обединетото Кралство во земјава, Рејчел Галовеј.
ЗПВ Димитров: „Спроведувањето на реформите во насока на забрзување на процесот на ЕУ интеграцијата е во тесна корелација и со приоритетите на Обединетото Кралство за Северна Македонија во светло на развојот на економијата, доброто владеење, и владеење на правото, преку заеднички проекти.”
Од британска страна беше истакнато дека Обединетото Кралство останува посветено на поддршката на Северна Македонија на нејзината реформска агенда во клучни области.
Во тој контекст соговорниците се согласија дека во наредниот период ќе се пристапи кон зајакната координација на донаторската заедница и другите чинители во Северна Македонија.
Вицепремиерот Димитров изрази благодарност за досегашната помош и поддршка која Обединетото Кралство ја има обезбедено за нашата земја, особено благодарност за помошта и поддршката на нашата земја во справувањето со кризата предизвикана од КОВИД 19.
За време на разговорот ЗПВРСМ Димитров ја потврди и посветеноста во исполнувањето на нашите обврски кои произлегуваат од членството во НАТО.