ПОЧЕТНА | КОНТАКТ | МК | SQ | EN |
Интервјуа
Фатмир Бесими, вицепремиер за евроинтеграции
11:19, сабота, 03 јануари 2015

Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими во новогодишното интервју за МИА говори за процесот на евроинтеграции на земјата, за нерешеното прашање за името со Грција кое е пречка за добивање датум за отпочнување на пристапните преговори, како и за работи кои може да се применат за да се забрза процесот на преговори што се водат под покровителство на ОН. Неговите видувања за улогата на опозицијата во земјата, за реформите кои се спроведуваат, за влијанието на Европарламентот, но и за поддршката од граѓаните во контекст на интегративниот процес се исто така дел од интервјуто.

Како ја оценувате 2014 година во поглед на вашата работа? Имавме ли конкретен напредок кон зацртаната цел-евроинтеграциите, иако извесно датум за отпочнување на преговорите не добивме. И покрај шестата препорака на Еврокомисијата до валоризација од Советот на Унијата не дојде поради спорот со Грција.

- Во октомври кога ја добивме препораката од ЕК кажав дека е добро тоа што по шестти пат имаме препорака. Тоа во одредена доза создава перцепција на замор. Меѓутоа, за нас е јасно дека европската интеграција е најдобрата алтернатива што ја има Македонија и регионот. И затоа ова се прифаќа повеќе и како дополнителна обврска за агендата на реформи што не очекуваат. Меѓутоа, исто така и поголем ангажман во однос на покажување конкретни резултати во однос на отвореното прашање со Грција за името, со тоа што тоа е дефакто и пречка во оваа фаза да има консензус во ЕУ за Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.

Сметате ли дека ќе се изнајде решение за спорот во овој формат, под покровителство на ОН или треба да се прошири базата за негово надминување?

- Во однос на форматот како би се решило сите се согласуваат дека треба да остане рамката во ОН, затоа што има меѓународен договор којшто е валиден и врз основа на кој се врши ова покровителство на ОН. Меѓутоа, исто така, јасно е веќе дека тој процес нема временска динамика. Тоа што се очекува во тој процес мое размислување е дека треба неколку работи да се направат дополнително на тоа. Значи останува рамката за решавање под покровителство на ОН и нивно посредување, но и некои други чекори би помогнале во овој процес.
Прво сметам дека треба да има вклученост и на меѓународната заедница, поголем ангажман во делот на олеснување на процесот и тука би ги наброил како ОН, НАТО, ЕУ и земјите членки на овие институции пред се САД, Германија, Франција, Велика Британија и други што може да помогнат, но воглавно се овие земји.
Вториот аспект што се очекува е да се подигне нивото на преговарачи, односно од делегирани амбасадори да има и на ниво на министри или премиери кои би биле на ниво на одлучување во одредени фази од преговорите со тоа што за финалната опција би следел и процес којшто граѓаните ќе го сфатат како транспарентен за да се дојде до едно решение што е прифатливо за двете страни.
Трета работа што треба да се направи и што би помогнала е тоа што треба да има временска динамика и да има агенда на преговорите по однос на содржината со цел да се направи поконкретен напредок во преговорите и да има одредена динамика според некој нормален процес. Најсоодветен би бил циклусот на евроинтеграција, затоа што таму на шест месеци се одржува европски совет, односно на лидерите на земјите членки на ЕУ каде што може да се разгледа прогресот. Значи, во рамките на тој циклус би бил некој нормален тек на динамиката на преговорите и мислам дека тоа би помогнало во овој процес. Но, пред се, важно е да се има волја од двете страни. Тоа е претпоставка за решение затоа што во процесот треба да има и една прмена генерално на менталниот склоп, односно на пристапот. Наместо две страни кои се гледаат во процесот со поставени зацртани линии и спротивставени за одреден проблем процесот да се претвори во партнерски однос за изнаоѓање на решение, значи партнери во решение, а не спротивставени страни во проблемот како што е сега. Мислам дека ова може, вака кажано теоретски, но и според праксата на земјите каде што успеале да постигнат резултат, односно решение после преговори, овие се принципите на преговори кои би довеле до решение.

За деблокада на процесот Македонија бара вклучување на ЕУ да помогне во решавањето на името. Колку е тоа реално со оглед и на иницијативата на Берлин и изјавата на новиот еврокомесар за соседска политика и преговори за пристапување Јоханес Хан дека е неприфатлива состојбата со статус квото на Македонија во евроинтеграциите и по шестата препорака од ЕК?

- Ние во однос на решението за името, како што кажав и претходно бараме поддршка и вклученост на земјите членки на ЕУ, како и на Европската комисија. По шестата препорака сега влегуваме веќе во фаза на заработување на седмата препорака. Доколку во текот на годината не успееме да најдеме решение за името, што би значело и официјално отворање на преговорите, важно е, а тоа го има и во Извештајот на ЕК, лидерите на ЕУ да дадат поддршка на овој процес. Ние сме свесни дека таа вклученост на ЕУ нема да биде според истиот модел како што беше за договорот на Србија и Косово. Меѓутоа, може да се изнаоѓаат покреативни механизми каде што би се следел овој процес одблиску и би се помогнало на двете страни да влеземе во поинтензивна фаза на преговори со цел да дојдеме до решение.

Идејата за паралелни преговори за пристапување во ЕУ и решавање на спорот за името во рана фаза има поддршка кај дел од членките на Унијата. Сметате ли дека отпочнувањето на скрининг процесот би овозможило импулс за решавање на името?


- Решението на проблемот и реформите во однос на официјално отворање на преговорите секако дека се поврзани. Но, тоа што за нас останува важно е овие процеси, реформите да не бидат последица на нерешеното отворено прашање затоа што агендата на реформи вклучително и скринингот и официјално отворање на преговори дефинитивно влијае врз квалитетот и брзината на реформите. Тоа што во случај на официјални отворени преговори Македонија би имале подиректен контакт или комуникација во однос на реформите со ЕК. Од друга страна пак, решението на ова прашање ќе го откочи тој процес и би можеле официјално да почнеме со преговорите. Но тоа што е важно е дека и во оваа форма ние треба да сме фокусирани на реформите и една можност што во ваква фаза се дава е Пристапниот дијалог на високо ниво, кој во никој случај не го гледаме како супститут на официјалните преговори. Но, тој помага ние да не стоиме во место со реформите, затоа што реформите пред се, се во интерес на граѓаните. Тука се судство, слобода на изразување, политички дијалог, меѓуетнички односи, добрососедски односи. Сите овие работи не се важни за ЕУ, туку за нас и затоа во оваа фаза пред офцијално отворање на преговори треба да се спроведат.

До каде е процесот со реактивирање на Пристапниот дијалог на високо ниво и дали најавената посета на еврокомесарот Хан во текот на јануари ќе даде поттик на овој механизам, кој треба да помогне за одржување на темпото на реформите?


- Пристапниот дијалог на високо ниво е еден механизам што ние го користиме сега во оваа фаза пред официјално отворање на преговори и доколку добро се постави, секако дека може да помогне затоа шт ја интензивира комуникацијата со ЕК, а во тој поглед и става рамка за реформите што ние ги правиме во овој период. Секако дека посетата на еврокомесарот Хан ќе значи поттик за тој процес и самата посета е еден сигнал дека Комисијата е заинтересирана за евроинтеграциите без разлика на коментарите што излегоа во јавност дека нема да има проширување. Дефакто нема да има нова земја членка во наредните пет години, но процесот на проширување продолжува и останува во фокусот на ЕК, а со тоа и посетата на еврокомесарот Хан ќе се искористи и за процесот на Пристапниот дијалог на високо ниво доколку тој биде во фаза да може и официјално и практично да се стави во функција во текот во 2015 година.

Постојано ни се даваат истите забелешки, судство, политички дијалог, медиуми, а сега и некои со понов датум како на пример добрососедски односи. Дали ние не ги исполнуваме во доволна мера или пак е реално чувството дека нам ни се додаваат некои нови услови?


- Нови услови се додаваат и за земјте членки на ЕУ. Тоа е жива материја, постојано се воведуваат нови стандарди во ЕУ, така што и во процесот на усогласување на нашето законодавство со тоа не ЕУ секоја година ќе согледаме дека има нови стандарди, нови услови и тоа е нормално. И овој состав на ЕК, покрај тоа што се заинтересира за брзината на евроинтеграциите, јасно е дека ќе биде заинтересиран повеќе за квалитетот на реформите и европските интеграции. Тука очекувано е сега да се гледа подетално, под лупа и со поголема прецизност во однос на реформите што се очекуваат од нас, а тука темите што ги посочивте секако дека се неизбежни во процесот на евроинтеграција со повисоки стандарди. Тука би ги истакнал судството, владеење на правото, економското владеење, реформите во јавната администрација. Ова се генерални стратешки определби во европското проширување за целиот регион што го има ЕУ и тие не се само за Македонија. Барањата за Македонија се дефинирани веќе како приоритети во акцискиот план што го усвои Владата и работиме на тие теми како што се независно, неселективно и професионално судство. Медиумите и слободата на изразување, се исто така работи што треба да се направат во однос на подобрување на имплементацијата на законите, како и зголемување на транспарентноста и во владините кампањи и се друго што значи дијалог меѓу владините институции и новинарите со цел да се подобри сликата за Македонија во делот на слободата на изразување, која всушност кај нас е уставна категорија и не се однесува само на медиумите, туку и на сите граѓани во однос на слободата на изразување.
Во однос на политичкиот дијалог, исто така, останува една од темите што се очекува од Македонија да покаже демократски капацитет дека институциите функционираат во земјата. Меѓуетничките односи се потенцираат како една важна основа за едно мултиетничко општество и за политичка стабилност и економски раст. И секако, добрососедските односи. Тие остануваат и се дел од политиките на ЕУ бидејќи добрососедството е еден од критериумите што постои во тој процес.
За Македонија во однос на политичките критериуми стои дека ги има исполнето на задоволително ниво со кое Комисијата му препорачува на Советот да започнат преговорите. Значи Македонија во оваа фаза според технократите односно ЕК има препорака за започнување препораки. Тоа што нема официјално отворени преговори е недостиг на консензус во политичкиот дел во Советот каде што одлучуваат лидерите на земјите членки. Ако гледаме според реформите и според целата слика Комисијата по шестти пат кажува дека Македонија треба да влезе во следната фаза. Но, ние сме земја која го сфаќа овој процес сериозно кој не е само технички, туку и политички, и ние како земја треба да го имаме усогласено овој концепт и технички и политички. Во однос на законодавството да покажеме ниво на подготвеност за отворање на преговори и членство во ЕУ.

Kонкретно, како стојат работите со усогласувањето на законодавството со она на ЕУ, колку од регулативата на Македонија е веќе прилагодена кон ЕУ стандардите?


- Во однос на законодавството и Советот кажа дека Македонија има голема усогласеност со законодавството на ЕУ и тоа е наведено и во Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Значи во тој дел Македонија стои релативно добро во однос на сите земји од регионот.

Колку е значаен политичкиот дијалог во сферата на евроинтеграциите?


- Клучен е затоа што евроинтеграциите се гледаат како еден инклузивен процес. И Пристапниот дијалог на високо ниво, а потоа и официјалните преговори еден од принципите што го имаат е инклузивноста на овој процес односно покрај владините и државните институции тука треба да влезат како во делот на функционирањето на Собранието каде што е и институционалнот глас на опозицијата, односно на граѓаните што размислуваат поинаку за многу решенија во однос на иднината на Република Македонија, независно од тоа што е владината политика. Тоа е демократска вредност и затоа дијалогот е клучен во однос на евроинтеграциите затоа што евроинтеграциите не се процес на една владина структура, туку тие се процес на целото општество. И затоа треба во овој процес да биде вклучен институционално и гласот на опозицијата, покрај тој на државните институции каде што и политичката и институционалната одговорност е поголема.

Што мислите како оваа состојба со препораки без валоризација, а во услови на мoраториум на проширувањето прогласено од ЕК за следните пет години ќе се одрази врз евроскептицизмот кај граѓаните, кои како да губат интерес патем, а исто така и врз темпото на реформи?


- Тука би издвоил неколку работи. Прво, дека статус квото дефинитивно влијае врз поддршката од гаѓаните за евоинтеграциите. Во 2009 кога Македонија првпат доби препорака постоеше таа еуфорија и гледано според Евробарометар, на две прашања дали сметате дека Република Македонија би била подобра доколку се зачлени во ЕУ и дали би имала корист Македонија била на ниво од 82 проценти, односно 76 проценти по двете прашања. Сега во 2014 година по однос на овие прашања поддршката од граѓаните е некаде 66 односно 51 отсто. Значи, има тренд на намалување на таа поддршка, но има две други добри вести. Првата е дека сепак мнозинството од граѓаните ги поддржуваат и втората дека Македонија и со ова ниво е највисоко во однос на другите земји во регионот. Сепак, во Македонија граѓаните се оптимисти и веруваат во ЕУ. Тоа на што се одразува овој тренд е процесот на евроинтеграции кој трае подолго. Имаме интерни анкети професионално направени од страна на СЕП кои следниве денови ќе бидат објавени и тие покажуваат еден висок степен на поддршка на граѓаните и се прави разграничување – процесот на интеграции и самите институции. Во однос на процесот на евроинтеграција тие имаат искажано одредени резерви или намалување на поддршката. Но, во однос на тоа дали сакаат членство во ЕУ, тука, сепак, поддршката е релативно висока што значи граѓаните разликуваат тоа што е процес и тоа што е дестинација.
Меѓутоа, важно е дека во овој процес треба да имаме предвид уште еден друг аспект што е исклучително важен за Македонија како мултиетничко општество, а тоа е дека влијае различно кај различни етнички групи и трендот на намалување на поддршката се изразува повеќе кај македонската етничка заедница, додека кај албанската етничка заедница има поинаков ефект. И тука се создава еден јаз помеѓу граѓаните, поради што мислам дека за ова прашање треба сериозно да се разгледа и тука во Македонија, меѓутоа и во ЕУ како статус квото влијае врз очекувањата на граѓаните со различен етнички бекграунд и како тој јаз кој се создава има потоа влијание врз општеството и врз кохезијата во општеството и интеграцијата внатре во земјата, како и таа на ЕУ.
Ако ова го гледаме од другата страна на медалот европската интеграција или евроатлантската перспектива е единствената тема што ги држи заедно сите граѓани на Република Македонија каде што консензуално сите се согласуваат со тоа. Значи, ова е една извонредна можност Македонија да покаже напредок во овој процес, да се создадат можности за повеќе работни места, подобар стандард за граѓаните и подобар економски раст и тоа е онаа магичната формула за успех на Република Македонија. Затоа е важно во овој процес, како ние во Македонија така и во ЕУ, да се сфати како еден процес, како што спомнав, технички и политички, туку и еден процес што директно ја содржи таа филозофија на основање на ЕУ, еден процес што носи стабилност и мир. Тоа е веќе докажано и за Балканот. По војните во деведесеттите години веќе повеќе од една деценија во регионот има стабилност токму поради дефинираната евроатлантска перспектива на Балканот.

Од друга страна, неспорно постои скептицизам кон проширувањето и во самата Унија. Дали сега со новата Европска комисија можеби тоа ќе се смени на подобро или на полошо. Која е вашата перцепција, чест гостин сте на европските метрополи кои значат нешто во ЕУ. Се сретнавте со новиот еврокомесар за добрососедство и преговори за проширување Јоханес Хан ...


– Со новиот состав на Европскиот парламент се зголеми бројот на пратеници кои се евроскептици во однос на проширувањето на ЕУ. Тоа неспорно се одразува и во политиката на ЕУ, но тоа што е важно е дека и во овој состав на ЕП мнозинството го создава коалицијата што е про проширувањето. Меѓутоа, тоа што е важно и треба да сме свесни е дека ЕУ во овој период ќе биде повнимателна во однос на проширувањето. Значи, ќе се бараат поквалитетни реформи во однос на европската агенда со цел да може да се помогне на земјите од регионот да станат дел од европското семејство. Проширувањето на ЕУ е неспорно. Тоа не е работа што зависи од една Комисија, од еден состав на Комисијата или од друг состав. Тоа е дефинирано уште во спогодбите или договорите на ЕУ, како што се договорите од Лисабон, од Амстердам. Тоа што е важно е дека во овој период ние треба да бидеме поотворени и поефикасни во однос на реформите затоа што имаме една попретпазлива Европа во однос на реформите што ние ги правиме. Ако ја имаме историјата на Европа по првиот бран кога 10 посттранзициони земји од Централна и Источна Европа станаа членки потоа следниот бран со Романија и Бугарија па Хрватска сите овие работи влијаеја врз тоа ЕК да биде со поригорозни критериуми во однос на проширувањето.


По подолга пауза за време на копретседавањето на Шацимаркакис, неодамна се одржа 12 состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Република Македонија-ЕУ. И вие бевте присутен, сметате ли дека со свежата крв Комитетот ќе функционира во корист на Македонија?


- Да. Мислам дека добро е што се одржа. Ова беше трет обид во овој состав да се одржи овој Комитет и успеа да се реализира. Тоа што јас бев присутен на овој Комитет и на поединечни средби е дека постои расположение кај пратениците во ЕП за проширувањето, расположение за поотворен разговор со пратениците од Македонија во однос на интеграцискиот процес. Тоа е еден добар сигнал дека и во еден ваков состав на Парламентот мнозинството парламентарци се сериозно заинтересирани овој процес да има напредок во Западен Балкан.

Вие сте и координатор за ИПА предпристапната помош. Во јануари треба да се направи преглед на искористеност на овој инструмент за периодот 2007 - 2013. Воедно, Македонија го подготви стратешкиот документ за ИПА 2 за периодот 2014-2020 година со кој за земјата од ЕК се алоцираат 664,2 милиони евра. Ќе ги искористиме ли поуспешно, со оглед дека перцепцијата е дека некако тешко ни одеше досега, дали поради тешките процедури или недоволната информираност?

- Во однос на ИПА 2, тоа е еден јак сигнал што ЕУ го даде за земјите од регионот и за Македонија. Во услови по економската криза во Унијата, во услови кога има нов состав на ЕП каде има повеќе евроскептици, во услови кога имаше изјави од ЕК дека нема да има ново проширување на ЕУ во наредните пет години ние имаме нов план за ИПА 2014-2020 со поголем износ на средства од првата ИПА. Првата ИПА 2007-2013 беше 615 милиони евра, а сега имаме 664 милиони евра. Плус, дополнително она што досега се користеше во рамките на ИПА за меѓугранична соработка сега ќе бидат искористени дополнително од други извори на регионална соработка во рамките на ЕУ, други фондови со што овој износ на поддршка ќе биде уште поголем од 664 милиони евра и сигурно ќе биде уште подобро нивото на абсорпција затоа што веќе со сите чекори сме подготвени и сме во фаза на реализација на ИПА. Веќе имаме програмирано за 2014 година, работиме до март за 2015 година за да почнат огласите уште во порана фаза и нивото на успешност на реализација драстично да се подобри. Исто така, во однос на актуелната ИПА правиме неколку работи. Уште од лани почнавме еден потранспарентен процес – објава на извештај на реализација на проектите, абсорпција на средствата од ИПА и констатиравме неколку слабости во системот за што во текот на годината направивме одредени корекции. Но, секако, тоа не е доволно. Значи, имаше неколку работи. Имаме систем на редовна комуникација затоа што недостасуваше координација помеѓу институциите. И второ, во однос на визибилноста и информираноста имаме поактивен пристап на запознавање за проектите. Трето, имаме портал каде што редовно се следат сите чекори во однос на ИПА. Планираме зајакнување на капацитетите во однос на ИПА-структурите. Сите овие работи треба да помогнат во подобрување на искористеноста на актуелната ИПА која пред се се должи на неколку работи, но тоа што е клучно е дека актуелната ИПА почнала од почетокот со од прилика три години задоцнување и сега во оваа фаза многу тешко се компензира тој изгубен период. Но, секако, дека има работи што во актуелната ИПА се подобруваат во текот на 2014, но и во наредниот период се преземени сите мерки за да се подобри абсорпцијата на овие средства.


Што очекувате за Македонија за оваа 2015 година, можеби пресврт и конечно да добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ. Дали сте оптимист, гледате ли излез? Што може да се направи да се надмине блокадата?

- Јас и порано го користев терминот активен оптимист што значи дека оптимизмот треба да се базира врз основа на ангажманот и сработеното. Затоа што ние можеме да бидеме оптимисти доколку вложуваме во нешто и очекуваме да има резултати. Пасивен оптимизам не помага затоа што тоа би значело само алиби да не се сработи нешто. Оптимизмот го сметам како основа на секој успех. Затоа што да беше поинаку јас не би стоел на оваа позиција, доколку реално немав некој оптимизам и очекувања дека Македонија може да ги надмине овие предизвици во процесот на европските интеграции, односно решавање на прашањето за името и прогрес во однос на реформите што се спроведуваат. Немам никакви илузии дека тоа се едноставни и лесни работи и дека брзо ќе се решат. Но, исто така свесен сум дека одговорно треба да пристапиме и одлучно кон сите овие реформи за да покажеме напредок. Ние немаме никакви права да се откажеме од нашата амбиција и нашата определба за членство во ЕУ. Тоа всушност го очекуваат граѓаните од нас. Тоа во овие анкети се докажува. Второ, дали има подобра алтернатива да им понудиме на нашите граѓани. Доколку нема подобра алтернатива, а јас мислам дека нема подобро од европска интеграција и евроатлантска перспектива, единствено што ни преостанува е да работиме на тој план.

Сподели ја содржината!
Заменик Претседател на Влада за Европски Прашања
Биографија
Интервјуа
Говори
Галерии
   
Процес на преведување
Поважни документи
Бази на податоци
Општо
Обука
Центар за Обука на СЕП
Стипендии
Соработки
Комуникација со јавноста
Испитување на јавното мислење ИРИ
Кампањи
Испитување на јавното мислење
Документи
Бази на податоци
Слободен пристап до информации
Регистар на документи
Регистрација на проекти
Е-набавки
Вести
Публикации
За нас
Организација
Систем за управување со процесот на пристапување кон ЕУ
Проектни единици
Заменик Претседател на Влада за Европски Прашања
Државен Секретар
Државни Советници
Сектори
Кон преговори
Хронологија
Процес на пристапување кон ЕУ
Преговори
НПАА
Спогодба за стабилизација и асоцијација
Кампањи
Youth for EU
ЕУ / ИПА Успешни Проекти
EU talks
EU in Macedonia
EU stars
Together for EU
Проекти
Претпристапна поддршка
ИПА 2007 - 2013
Друга странска помош
Програми на Унијата
ОРИО Програма
Твининг
ИПА 2014 - 2020
ИПА проекти
2017 © Секретаријат за европски прашања
Сите права се задржани.