ПОЧЕТНА | КОНТАКТ | МК | SQ | EN |
Интервјуа
Определбата за европска иднина подразбира и европско однесување
14:30, петок, 03 октомври 2014

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими во интервју за МИА во пресрет на Извештајот за напредокот на земјата во европската интеграција вели дека Владата работи интензивно на исполнување на европските стандарди.

- Врз основа на нашата анализа во изминативе 10 години околу 4.252 ЕУ мерки се инкорпорирани во приближно 3.472 правни акти, истакнува Бесими.

Тој очекува дека кога станува збор за забелешките од Брисел, покрај спорот со името, акцентот повторно ќе се стави на судството, политичкиот дијалог и меѓуетничките односи.

Пред неколку дена престојувавте во Брисел. По разговорите зад затворени врати, што можете да кажете за тоа, што ќе содржи новиот извештај на Европската комисија за Македонија?

- Посетата во Брисел се однесуваше на подготовките за последниот Извештај за напредокот на Република Македонија во евроинтеграцијата. Главно се презентираше првичниот драфт на Извештајот, а разговорите беа во насока на тоа што може да се направи до официјалното објавување на Извештајот, со цел тој да има повеќе содржина во однос на тоа што е остварено, како би се зголемиле шансите за добивање препорака и во текот на оваа година, односно и во овој Извештај.

Тоа што можам да кажам е дека Извештајот ќе ги содржи сите работи што до сега се направени во однос на евроинтеграциската агенда, а исто така, очекуваме да има теми за кои во наредниот период ќе се бара поголемо внимание и прогрес од Република Македонија. Јас лично, очекувам дека и во текот на оваа година, Република Македонија ќе добие препорака за започнување на преговорите, но секако сеуште нема официјална одлука за тоа. Тоа се пишува ден пред објавувањето на извештајот и ние работиме непрекинато за повторно да добиеме препорака за започнување на проговори. За Македонија е важно да има препорака и оваа година.

Извори од Брисел сугерираат дека судството, политичкиот дијалог, меѓуетничките односи, и се разбира - прашањето за името, и оваа година ќе бидат главните забелешки на адреса на Македонија?

- Реално е да очекуваме дека Извештајот ќе ги содржи овие области, со тоа што во судството се очекуваат понатамошни реформи во имплементација на законите како и стратегијата за спроведување на реформите во 2015-2019 година. Во однос на подобрување на ефикасноста на судскиот систем, зајакнувањето на неговата независност, како и квалитетот на судските постапки, со цел да се зголеми довербата во судскиот систем во Република Македонија. Во однос на политичкиот дијалог, секако и тоа се очекува во Брисел, Република Македонија да покаже демократски капацитети за надминување на разликите и за воспоставување на една солидна и одржлива основа за политичкиот дијалог, во рамките на институциите и тука би рекол дека, значаен потег би бил доколку и пред објавувањето на Извештајот, започне односно се деблокира дијалогот меѓу власта и опозицијата, со цел да се даде шанса на европската интеграција и преку институциите да се оствари политичкиот дијалог во однос на важните теми за Македонија и различните политички позиции во однос на тие теми. Меѓуетничките односи и имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, остануваат во фокусот на Извештајот за Република Македонија во Брисел, во однос на евроинтеграцијата, со цел да се создаде една посолидна основа на добри меѓуетнички односи, поголема меѓусебна толеранција, соживот и почит, со цел создавање на еден стабилен политички амбиент во Република Македонија.

Во однос на прашањето за името би рекол дека остануваат препораките од Брисел: Македонија и Грција што поскоро да го решат ова прашање со цел да може да се започне со преговорите за членство во ЕУ.

Всушност, што не оди во исполнувањето на овие домашни задачи? Кои се главните проблеми?

- Во однос на судството, би рекол дека треба да се зајакне имлементацијата на законите и да се обезбеди квалитетно судство во кое ќе имаат доверба граѓаните за фер и транспарентен судски систем. Во политичкот дијалог, да се надминат тесните политички интереси и да се гледа кон заедничкиот државен интерес и интересот на граѓаните на Република Македонија. Во меѓуетничките односи, да се пристапи со поинклузивен процес, да се минимизираат или да се отстранат евентуалните провокации и инциденти, а за прашањето за името да продолжиме и покажеме подготвеност за компромис и отвореност во однос на разговорите за решавање или надминување на разликите за името.

Постои ли јасен преглед колку од регулативата во Македонија е веќе прилагодена кон ЕУ стандардите. На ова се работи со години, но до каде е стигнато?

- Процесот на усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ е процес на кој нашите институции континуирано работат околу 15 години. Впрочем динамиката, на усогласување на националното законодавство со европското, како и прилагодувањето на националните институции кон европските административни структури се дефинира со Националната програма за усвојување на правото на ЕУ (НПАА), која претставува клучен стратешки документ за процесот на интеграција во ЕУ. Преку овој документ се анализираат наодите и препораките на ЕК и врз основа на овие наоди се планираат краткорочните и среднорочните приоритети за следниот период.

Врз основа на нашата анализа во изминативе 10 години околу 4.252 ЕУ мерки се инкорпорирани во приближно 3.472 правни акти. Сепак, треба да се нагласи дека ова се приближни бројки со оглед на тоа што и правото на ЕУ е динамична материја, која постојано се менува (на годишно ниво има нови 3.000-5.000 ЕУ акти) и не е возможно прецизно да се каже колкав е вистинскиот степен на усогласеност. Според нашите процени, во прегледаните акти, 52 проценти од актите се во фаза на ревизија, 6 проценти се целосно усогласени, 38 проценти се делумно усогласени, 3 проценти не се релевантни за Македонија, 1 процент се усогласуваат по пристапување. Верификација на степенот на усогласеноста ќе се добие по првата фаза од преговорите – процесот на скрининг, од страна на ЕК, со веќе утврдени правни инструменти.

Исто така, треба да се истакне дека поглавјата се отвораат и затвораат за време на преговорите, но и дека процесот на усогласување е континуиран процес, кој ќе трае и за време на преговорите и по пристапувањето во ЕУ. Покрај тоа, ЕК и во годишните извештаи за напредокот дава генерална оценка за степенот на усогласеност на нашата правна рамка и тоа ни служи како основа за планирање на идните чекори во оваа насока. Оваа година ќе отпочне деветти циклус на ревизија на НПАА.

И покрај се, се чини во земјава расте ЕУ-скептицизмот... Блокадата на приближувањето на Македонија кон Унијата, поради спорот со Грција околу името, но и континуираните барања на ЕУ за повеќе демократија (во судството, медиумите, во политичкиот дијалог...анти-корупција, намалување на администрација) – се ова најчесто погрешно се толкува како „несимпатија“ од ЕУ кон Македонија, па се одговара со уште поголемо самодистанцирање од Европа. Како на овој процес реагира СЕП?

- Морам првично да кажам дека тоа што е јасно во овој период на шест години статус кво, добивање препорака и сеуште немање консезус од Советот за започнување на преговори, создава една доза на замор кај граѓаните и тоа се рефлектира во евроинтеграциските процеси и реформи, и секако дека тоа влијае во степенот на поддршка во однос на процесот на интеграции кај различните етнички заедници, пред се, Македонците и Албанците, во однос на процесот на евроинтеграции. Овој тренд постои и во другите земји од регионот, а генерално и во Европска унија, поради ефектите од големата економска криза, како и динамиката на интеграциите во повеќе земји од регионот. Тука би додал дека, сепак ако гледаме во последните анкети, поддршката за ЕУ во Македонија е сеуште голема. Ако пред пет-шест години била околу 85 и 90 %, сега е некаде 70-75 %, што сепак е висок процент, иако е за 10 до 15 процентни поени пониско, граѓаните веруваат во европската иднина на Република Македонија. Ние како Секретаријат настојуваме темата да ја држиме актуелна како во јавнсота со разни дебати, презентации, иницијативи и кампањи, но во исто време и во однос на координација на реформите во рамките на државните институции, со цел да го држиме темпото на интеграциските реформи во Република Македонија. Со еден збор определбата за европска иднина подразбира и европско однесување.

Од друга страна, пак, неспорно е дека постои скептицизам кон проширувањето и во самата Унија. Дали сега, откако е формирана новата ЕК, треба и во Брисел да се поработи на тоа – земјите членки со поголем оптимизам да гледаат кон идното проширување?

- Според последните парламентарни избори во ЕУ, со самиот факт дека повеќе позиции стекнаа политичките партии кои доаѓаат со платформа поконзервативна во однос на проширувањето и скептицизам во тој дел, сепак, би рекол дека и во овој состав на Европскиот парламент, мнозинството го држат политичките партии од земјите на ЕУ кои се за проширувањето, евро-оптимисти, и тоа што е важно е дека постојат иницијативи како што беше последната на канцеларката Меркел на Конференцијата во Берлин, потоа, самиот факт дека и покрај шпекулациите, сепак Европската комисија и во овој состав ќе има еврокомесар за проширување и тоа што би сакал да потенцирам е фактот дека проширувањето на Европска унија е важна и е една од принципите и обврските кои произлегуваат од трактатите на Европска унија како што е Лисабонскиот и другите, каде што ова е тема што е дел од концептот и идејата на Европска Унија, проширување на еден мировен концепт низ целиот континент на ЕУ и како што земјите од Балкан се заинтересирани за интеграциите така ЕУ е заинтересирана за влез на земјите од Балканот во ЕУ, и тоа е од заеднички интерес во овој мировен концепт. Тоа што би потенцирал тука е фактот дека во регионот после 90-тите години, по конфликтите и војните кои се водеа, успеа да се воспостави мир, неколку години или децении мир во регионот, а тоа е токму евроатлантската персектива, која им даде шанса и очекувања на политичарите и граѓаните од регионот на Западен Балкан, да градат политики и реформи во однос на една заедничка иднина на земјите од регионот.

Како го гледате односот Македонија –ЕУ за пет години?

- Очекувам дека во овие пет години, Македонија и ЕУ ќе ја интензивираат својата соработка и евентуално започнување на официјалните преговори, со цел да се зголеми и динамиката на реформите, како и квалитетот на реформите, а со тоа Македонија секако ќе биде во наредните пет години, поблиску од тоа што е сега до Европската Унија.

Со други зборови, вие не сте голем оптимист?

- Не. Јас сум реалист и активен оптимист, имајќи ја предвид досегашната ситуација секако дека изјави кои би биле оптимистички без реална основа нема да имаат сериозен кредибилитет. Но, сепак би рекол дека јас сум активен оптимист, што значи не се откажуваме од идејата за ЕУ, кога гледаме дека најголемата поддршка од граѓаните е токму на темата на евроатлантската перспектива. Сеуште има високи очекувања од членството во ЕУ кај граѓаните и меѓу политичките партии. Нема ниту една политичка партија, која ја нема европската иднина како стратешки приоритет. Останува на нас да работиме на оваа агенда, да не се откажуваме, независно од коњуктурните ситуации и интереси, наша стратешка определба за мирна и просперитетна Македонија е членството во НАТО и Европската унија.

На Самитот на НАТО во Велс и на Берлинската конференција, исто така беше повторено дека прашањето за името останува главна пречка за приклучување на Македонија кон НАТО. Што очекувате Вие како вицепремиер: колку е подготвена Владата навистина конечно да прифати компромис?

- Компромисот во решението на името е неопходен чекор, но важно е како ние ќе пристапиме кон тој компромис. Кога кажувам ние, тука мислам и на Македонија и на Грција.

Наместо да гледаме на ова како две страни пред еден проблем, треба да гледаме како два партнера пред едно решение. Тука, пред се, подазбирам да се зајакнат разговорите, да има разбирање за разликите и преку интензивирање на комуникацијата и еден искрен и отворен пристап, да ја зајакнеме меѓусебната доверба, со цел надминување на разликите и доаѓање до конечно решение, кое ќе биде прифатливо за двете страни. Но, во овој процес, за да се постигне ова, покрај другото, сметам дека треба да се подигне нивото на преговарачи, на ниво на министри или премиери, потоа да се стави точна агенда, временска и содржинска агенда на разговори, како и поддршка или олеснување од страна на меѓународниот фактор, во однос на решението за името.

Да не ја превидиме фразата што веќе не е непозната за нас – политичкиот дијалог. Што правите за постигнување на вистински, продуктивен, европски политички дијалог, имајќи ги предвид и условите поставени од опозицијата?

- Политичкиот дијалог секако влијае врз интеграциските процеси и ќе биде содржан во Извештајот. Политичкиот дијалог по сама дефиниција претставува процес на разговори на одредена тема, со одредена цел, меѓу страни кои имаат различни видувања во однос на таа тема или можеби имаат различни цели, но сепак би рекол дека основно е и тука да се покаже капацитет за надминување на потесните партиски интереси, да се гледа кон државниот интерес и интересите на граѓаните, во конкретниот случај тоа директно влијае врз европската агенда и европските интеграции. Јас очекувам дека политичките партии ќе покажат таков демократски капацитет, да седнат и да разговараат за темите за кои имаат различни ставови, со цел да се дојде до одреден компромис, каде што може да се очекува дека целите што се поставени ќе се остварат, а пред се главна цел треба да биде интересот на Република Македонија и граѓаните на Република Македонија.

Се добива впечаток дека пред властите на земјата – кога станува збор за евроатлантската интеграција, се поставуваат и други прашања почнувајќи од меѓуетничките односи до целосната имплементација на Охридскиот рамковен договор. Ако за името има и други актери и фактори, за овие прашања одговорноста е тука кај нас, односно кај Вас, во Владата...

- Меѓуетничките односи, имплементацијата на Рамковниот доогвор во тој контекст, е основата на која треба да се гради една стабилна иднина. Создавање на култура на меѓусебно почитување, толеранција и солидарност, која би била една основа за единство на сите граѓани на Република Македонија, без разлика на нивната етничка или религиозна припадност, да можат слободно да го развијат својот идентитет и да создадат основа за едно демократско општество, според принципите и вредностите на евроатлантската заедница, всушност тоа е и преамбулата на Охридскиот рамковен договор. Мултикултурализмот, мултиетничноста на Репулика Македонија, може да бидат наша предност и вредност, не само за нас тука во Македонија, туку и во регионот и во ЕУ, каде што можеме да придонесеме и тоа да го гледаме како наша предност во развојот на нашето општество и Република Македонија.

Сподели ја содржината!
Заменик Претседател на Влада за Европски Прашања
Биографија
Интервјуа
Говори
Галерии
   
Процес на преведување
Поважни документи
Бази на податоци
Општо
Обука
Центар за Обука на СЕП
Стипендии
Соработки
Комуникација со јавноста
Испитување на јавното мислење ИРИ
Кампањи
Испитување на јавното мислење
Документи
Бази на податоци
Слободен пристап до информации
Регистар на документи
Регистрација на проекти
Е-набавки
Вести
Публикации
За нас
Организација
Систем за управување со процесот на пристапување кон ЕУ
Проектни единици
Заменик Претседател на Влада за Европски Прашања
Државен Секретар
Државни Советници
Сектори
Кон преговори
Хронологија
Процес на пристапување кон ЕУ
Преговори
НПАА
Спогодба за стабилизација и асоцијација
Кампањи
Youth for EU
ЕУ / ИПА Успешни Проекти
EU talks
EU in Macedonia
EU stars
Together for EU
Проекти
Претпристапна поддршка
ИПА 2007 - 2013
Друга странска помош
Програми на Унијата
ОРИО Програма
Твининг
ИПА 2014 - 2020
ИПА проекти
2017 © Секретаријат за европски прашања
Сите права се задржани.