Новости
понеделник, 16 март 2020 18:48
С О О П Ш Т Е Н И Е
Секретаријатот за европски прашања, согласно ново настанатата ситуација околу прогласената пандемија и со цел преземање заштитни мерки за вработените и превенција на ширењето на коронавирусот COVID-19, а врз основа на заклучок 13 од Деветнаесеттата седница на Владата на Република Северна Македонија, одржана на 14 март 2020, каде „се препорачува на сите работодавачи во Р. Северна Македонија, односно секое раководно лице на институцијата, во зависност од типот на работата и можностите, да ја организира работата и начинот на работа на вработените лица, преку работа од дома, без да се наруши редовното и нормалното функционирање на институцијата“, донесе одлука за ослободување на вработените од должноста да се појават на работното место. Тековните работни обврски, вработените ќе бидат должни да ги извршуваат од дома, при што нема да се наруши редовното и нормално функционирање на институцијата.
Архивата на Секретаријатот за европски прашања ќе биде постојано во функција од 08:30 до 16:30 часот, каде вработени од СЕП со соодветна заштитна опрема, ќе ги преземаат документите од странките.
Со цел избегнување на контакти што претставува ризик за ширење на вирусот, лицата кои поднесуваат документација за регистрација на проекти за ослободување од јавни давачки се замолуваат барањето и соодветната документација да ги остават на пријавницата на Секретаријатот за европски прашања во наменски поставената кутија.
Апликациите ќе се примаат секоја СРЕДА од 10:00 до 12:00 часот. Поднесувањето на барање за регистрација на проекти за ослободување од јавни давачки, може да се направи и електронски, на следната е-маил адресата: registracija@sep.gov.mk
Превентивните мерки и донесените одлуки важат се до нивно укинување, согласно одлуките на Владата на Република Северна Македонија, за што јавноста ќе биде навремено информирана.
За дополнителни информации ве молиме да се обратите на дежурниот број на СЕП тел: 02 3200-104