Новости
петок, 01 ноември 2019 13:31
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи учествуваше на Македонско-германски форум со наслов „Стратешко партнерство или ново проширување?“ во организација на Фондацијата Конрад Аденауер.
„Како Влада и администрација имаме соодветен капацитет и долгогодишно акумулирано искуство за во наредниот период да се фокусира на длабинска анализа на актите кои ни беа презентирани за време на објаснувачките состаноци. Анализата на нивото на усогласеност на националното законодавство со законодавството на ЕУ и плановите за понатамошно усогласување“ посочи Вицепремиерот Османи, додавајќи дека земјата останува целосно подготвена за билатералниот скрининг, независно дали истата ќе се спроведува според досегашната методологија, или според најавената нова методологија, за која изрази очекување дека ќе биде усогласена меѓу земјите-членки што е можно поскоро.
„Нам ни е неопходно Европската Унија да го усогласи својот став околу преговорите што е можно побрзо, за да не биде загрозен реформскиот моментум на усогласување со европските правила и стандарди, кој претставува најсилното гориво за напредокот на земјата“, потенцираше Османи.
Вицепремиерот најави дека како и досега, во процесот на интеграции остануваат вклучени сите релевантни чинители, особено Собранието и двете клучни тела, Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, како форум за дебата со пошироката јавност за сите прашања поврзани со процесот на европска интеграција.