Новости
четврток, 24 октомври 2019 11:49
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар
Османи се обрати на отворањето на спортската сала во ОУ „Јероним Де Рада“ во с. Черкези, Куманово.
„Отворањето на оваа сала претставува симбол на нашата амбиција - да го трансформираме и образовниот систем на младите согласно европските стандарди “ истакна Вицепремиерот Османи, посочувајќи дека салата е дел од поширокиот проект за изградба на 145 спортски сали, кои се финансирани од средствата обезбедени со кредит од Банката за развој при Советот на Европа, додека проектната документација е изработена со неповратните средства од ИПА фондовите.
„Без разлика на политичкиот контекст во кој се наоѓаат европските интеграции, ние мора и ќе продолжиме не само со реформите, туку и со изградбата на институции, училишта, болници, гранични премини, патишта и сѐ што е потребно за најпрво да им обезбедиме подобри услови на нашите граѓани, а потоа да ги достигнеме и европските правила и стандарди,“ посочи Османи.
Секоја година,
Европската Унија става на располагање преку 100 милиони евра годишно,
неповратни средства, пари на даночните обврзници на земјите - членки на Унијата,
што се искористуваат за проекти со кои се обезбедува суштинска поддршка за
трансформација на нашето општество, согласно европските правила и стандарди,
поддршка за која Вицепремиерот Османи истакна дека очекува да се интензивира во
иднина.