Новости
петок, 11 октомври 2019 13:19
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар
Османи кој престојува во работна посета на Република Италија оствари средба со
Министерот за европски прашања на Република Италија, Винченцо Амендола.
„Состанокот на Советот на ЕУ наредната недела е од фундаментално
значење за нас, како земја која ги исполни сите предуслови и посочени обврски,
за што заслужено очекуваме старт на преговорите со ЕУ оваа година.“ изјави
Османи, потенцирајќи притоа дека започнувањето на пристапните преговори на
Република Северна Македонија со ЕУ оваа година ќе претставува охрабрување и за целиот регион во
остварувањето на европските перспективи.
„И не само за нас, туку пошироко,
претстојниот самит на ЕУ претставува еден вид пресвртница преку која ќе се
трасираат перспективите на преговорите како една од најуспешните европски
политички проекти воопшто. Без соодветно признание за напредокот на Северна
Македонија, не само што ќе се истроши кредибилитетот на ЕУ во регионот, туку
воопшто, ќе се загрози натамошниот тек на процесот на проширување и ќе се
изгуби позитивната трансформативна моќ на европската перспектива“, посочи
Османи.
За време на средбата Османи изрази благодарност за досегашната поддршка од
страна на Италија за европските интеграции на Република Северна Македонија и
доби цврсти уверувања од страна на Министерот Амендола, дека Италија останува
посветена на европските интеграции на целиот регион на Западниот Балкан, со
силна поддршка за старт на преговорите со Република Северна Македонија, во
пресрет на Самитот на ЕУ наредната недела.
Во рамки на работна посета на Италија Османи оствари средба и со
Претседателот на Комитетот за односи со земјите од Западен Балкан во италијанскиот
Сенат, Лучијано Далфонсо, каде покрај темите за европските интеграции на
регионот и земјава, беше разговарано и за претстојните активности на Сенатот во
насока на ратификација на протоколот за НАТО од страна на Италија, при што
Османи доби уверување дека Италија навреме ќе ја исполни оваа обврска.
Посетата на Италија преставува дел од европската турнеја на
Вицепремиерот Османи, за посета на европските метрополи, а во пресрет на состанокот
на Советот на ЕУ наредната недела.