Новости
среда, 18 септември 2019 15:58
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи денес оствари средба со поранешни министри и пратеници од Данска кои се во посета на Република Северна Македонија.
На средбата Вицепремиерот Османи и данските претставници разговараа за актуелната состојба на земјава во однос на евроинтегративниот процес, при што Османи реферираше за досега постигнатиот успех, а ги запозна и со текот на подготовките на преговарачката структура во земјава, во пресрет на големата октомвриска одлика за старт на преговорите за членство во ЕУ.
„Поддршката која ја добиваме овие денови од европските челници и претставници од европските земји членки е од огромно значење не само за мене како Вицепремиер за европски прашања, туку и за целата Влада, со оглед на тоа што се оддава признание дека навистина сме успеале во спроведувањето на европските реформи“, истакна Османи, посочувајќи дека „Во очекување на големата октомвриска одлука, продолжувам со посета на европските метрополи со цел да ги убедиме и најголемите скептици дека Северна Македонија е подготвена за старт на преговорите со Унијата“.
Претставниците од Данска ги поздравија спроведените реформи во земјава за членство во ЕУ и НАТО, при што потенцираа дека новата данска Влада, како и претходната, високо ги цени достигнувањата на земјава во реформите, како и склучените билатерални договори со соседите. Тие се обврзаа да ги пренесат впечатоците од нивната посета на земјава, за напредокот, за подготвеноста и за поддршката која тие ја даваат за старт на преговорите со ЕУ во октомври оваа година.