Новости
понеделник, 16 септември 2019 15:05
Заменик претседателот на Владата задолжен за
европски прашања, Бујар Османи во рамките на посетата на Брисел оствари работна
средба со Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и
безбедносна политика и Потпретседателката на Европската Комисија, Федерика
Могерини.
„Се наоѓаме буквално на 30 дена од големата
одлука за старт на преговорите, со што ќе се стави точка на заедничките напори
изминативе две и пол години, за враќање на европската агенда во Република
Северна Македонија, како и враќање на процесот на проширување високо на
агендата на Унијата“, изјави Османи на средбата, пренесувајќи ја благодарноста
на Владата за несебичното залагање на високата претставничка за севкупниот
успех на овој процес.
„Ве уверувам дека и во овој краток период што
ни претстои, буквално херметички ќе ги затвориме сите евентуални можности за
изговор или скептицизам кај земјите - членки, и со тоа заслужено ќе ја
обезбедиме одлуката за старт на преговорите“ истакна Османи.
На средбата Османи реферираше и за последните
актуелности во земјава особено во областа на владеењето на правото и борбата
против организираниот криминал и корупција. „Без разлика што не претставува
формален услов за одлуката во октомври, владеењето на правото останува наш
постојан бенчмарк за кој ве уверувам дека нема да има никакви отстапки, ниту од
аспект на институционалната поставеност за борбата против криминалот и
корупцијата, ниту по основ на континуираниот "трек - рекорд", во спроведувањето
на владеењето на правото“ истакна Османи.
За време на посетата на Брисел Османи ќе
оствари средби и со Државната
секретарка за европски прашања, и претставничка на Република Хрватска во ЕУ, Андреја
Метелко-Згомбич, а подоцна ќе оствари и работна средба со Директорката за
Западен Балкан во рамките на Генералниот Директорат за соседство и проширување
во Европска Унија, ДГ НЕАР, Геновева Руиз Калавера.
Работната посета на Брисел е дел од
турнејата на Вицепремиерот Османи за посета на метрополите на земјите членки на
ЕУ, по која следат посетите на Берлин и Варшава кон крајот на неделата.