Говори
вторник, 27 мај 2014 12:41
Почитувани амбасадори и претставници на дипломатскиот кор,
почитувани професори,
почитувани присутни,
дами и господа,
Дозволете да ви посакам добредојде на денешната Конференција со цел промовирање на Евровок, повеќе-јазична и повеќе-дисциплинарна база на терминологија (тесаурус) преведена на македонски јазик како и промоција на web платформата и www.EuroVoc.mk.
Сигурен сум дека не сум првиот што ќе ви каже за Евровок и да сподели со вас за повеќе за оваа многу корисна алатка на Европската унија .
Верувам ќе се согласите со мене дека тргнувајќи само од нејзиниот назив лесно може да си помислите дека тоа е уште една база за терминологијата што се употребува во Европската унија. Но напротив, Евровок е многу повеќе од одреден избор на терминологија со еквиваленти на еден или повеќе јазици. Тоа е моќна алатка, која сама по себе претставува дополнителен предизвик да биде истражувана и тоа од повеќе аспекти: од лингвистички аспект, од аспект на систем за класифицирање на документи, од аспект на истражување на нејзината веќе постојна содржина.
Дополнителна вредност на верзијата на Евровок што денеска ќе ја разгледаме, а која имаме прилика да ја претставиме благодарение на Швајцарската амбасада во Република Македонија и на Националниот демократски институт во Македонија е што покрај 22-та официјални јазика, односно веќе за многу кратко време 23-те официјални јазика на Европската унија, и покрај на српскиот јазик, истиот е достапен и на македонски јазик.
Со тоа се отвора уште една европска врата за граѓаните на Република Македонија, вратата на јас би рекол, споделено знаење и стандардизиран начин на следење на активностите на Европската унија преку определен опсег на терминологија што се употребува и надвор од институциите на Унијата. На тој начин активностите на Европската унија добиваат помалку апстрактна и поконкретна димензија. Исто така, Евровок е одраз и на заедничките активности на Европскиот парламент и на националните парламенти.
Почитувани дами и господа,
Имајќи ја предвид мисијата на Секретаријатот за европски прашања за воспоставување на солидна и одржлива основа со цел ефективна и ефикасна координација во процесот на пристапување на РМ во ЕУ, сметам дека Евровок ќе има значајна улога на полето на индексирање на европското законодавство и на другите правни текстови, кои стануваат сѐ побројни и опфаќаат сѐ повеќе области на делување на Европската унија. Неговата улога е и во овозможувањето на полесен пристап до правото на Европската унија преку стандардизираната терминологија со која се овозможува да се избегнат проблеми при подготовката и преведувањето на правните инструменти, што посебно е значајно и за нашата земја како земја-кандидат за членство во Европската унија.
Евровок има долг историски развој од речиси 30 години, а создаден е врз основа на потребите на институциите на Европската унија поткрепен со студии и истражувања, со примена на стандардите на Меѓународната организација за стандардизација во однос на создавање и развој на еднојазичен тезаурус и во однос на создавање и развој на повеќејазичен тезаурус. Основата на Евровок се гради и со обединување на институционалните бази на податоци на Европската комисија и на Европскиот парламент.
На неговиот развој може да се гледа како на развој во 4 етапи пресликани во 4 главни верзии, а секоја верзија се карактеризира не само со терминолошки промени во смисла на бројноста и нивната актуелна употреба, туку и со реформски промени кои го прават Евровок полесна алатка за користење од страна на институциите на Унијата, од страна на националните институции и од страна на академските кругови. Секоја наредна верзија ги вклучува и јазиците на земјите –членки кои се дел од проширувањата на Унијата, а ги вклучува и оние јазици кои се дел од идните бранови на проширување на европското семејство.
Денеска ќе имате можност да дознаете повеќе за последната верзија на Евровок 4.4 во која покрај другите промени се содржани и промените во однос на новите концепти кои ги донесе Договорот од Лисабон.
Почитувани,
Евровок навистина нуди широк спектар на можности. Сепак, можностите што ги споменав во врска со Евровок значат и обврска. Обврска, која институциите на Република Македонија треба да ја исполнат за да може да се одржува вистинската вредност на оваа повеќејазична база од која сме и ние дел. Тоа е своевиден тест за зрелоста и капацитетите на македонските институции, тест кој со гордост можам да кажам дека Секретаријатот за европски прашања, барем во почетните чекори, го положи мошне успешно придонесувајќи со своето институционално знаење да помогне да се направи македонската верзија на Евровок. Со тоа ја покажуваме нашата посветеност за исполнување на сите, буквално, сите обврски што ни престојат на патот на нашето европско интегрирање.
И додека за почетоците е потребна иницијатива, ентузијазам и искрена поддршка, за одржување на квалитетен повеќејазичен тезаурус како што е Евровок потребни се континуирани заложби на сите засегнати учесници во општеството: во прв ред Собранието на Република Македонија, а посебно на Парламентарниот институт, на Службениот весник на Република Македонија и пошироко, на академските кругови при спроведување на истражувања и на секој поединец кој има интерес и желба на ова поле. Придонесот на Секретаријатот за европски прашања, но и на другите институции треба да продолжи да се гради малку по малку, но на дневна основа. Посветеноста и времето се клучните фактори за одржување на Евровок и за обезбедување на неговиот квалитет, но тоа се и клучните фактори на целиот евроинтегративен процес низ кој треба да поминеме сите заедно.
Ви благодарам.