Интервјуа
вторник, 27 мај 2014 11:37
Не треба да се откажуваме од напредок на самитот на ЕУ во декември, вели вицепремиерот за евроинтеграции Бесими, кој смета дека е најдобро земјите-членки на ЕУ да се вклучат со посредништво во спорот за името. Работите за името се придвижени напред, вели тој, зашто сега не се зборувало општо туку за конкретни решенија, како местоположбата на географската одредница „горна“ или „северна“ и опсегот на употребата на името
ФАТМИР БЕСИМИ, ВИЦЕПРЕМИЕР ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ
Вицепремиерот за евроинтеграции Фатмир Бесими смета дека проблемот за името не е лесно да се реши, но нагласува дека меѓународното посредништво би било добредојдено, зашто Атина и Скопје немаат доверба меѓу себе и би било добро да им помагаат земји во кои и двете веруваат. Во интервјуто за „Нова Македонија“ тој зборува и за другите барања на ЕУ од Македонија за напредок во евроинтеграциите, како слободата на изразување и политичкиот дијалог.
При последната посета на Скопје, известувачот за Македонија Ричард Ховит напомена дека, покрај двете соседни земји, и други земји-членки на ЕУ не се убедени дека државава треба да добие датум за почнување на преговорите. Тој спомена дека имаат сомневања за исполнувањето и на некои Копенхашки критериуми. Што ви напоменуваат вашите колеги на средбите? Кои се другите проблеми со кои се соочува земјава?
- На тие средби главна работа за која се зборува е прашањето за името. Второ, покрај ова прашање што го сметаат за билатерално, тие очекуваат од нас во одредени теми да покажеме поголем ангажман. Тоа се однесува на слободата на изразувањето, дијалогот со новинарите и перцепцијата што се однесува на консензуалниот пристап кон законите и генерално кон регулативата во таа област. Следна тема што исто така се отвора е политичкиот дијалог, односно по настаните од декември тоа стана една од главните теми што се споменуваат во земјите од Европската Унија за исполнување на политичките или таканаречените Копенхашки критериуми во однос на демократските капацитети на домашните институции. Тоа беше долго време тема и не случајно во април извештајот што беше направен од Европската комисија не беше разгледан на советот во јуни, за до декемврискиот совет да имаме време да покажеме одреден напредок. Секако, како редовна тема се наметнуваат и владеењето на правото, независноста на судството и добрите меѓуетнички односи.
Ги споменавте и вие слободата на изразување и медиумите. До пред некое време не се истакнуваше толку слободата на медиумите како проблематична во Македонија. Што, според вас, придонесе за ова?
- Мислам дека тоа што се случи и со политичкиот дијалог и со медиумите се настаните од декември минатата година, слично во овој период кога се донесуваше буџетот за 2013 година. Мислам дека тоа е моментот кога почна да се создава таква перцепција затоа што тогаш новинарите во знак на случувањата го прекинаа дијалогот со Владата за реформите што треба да се направат во медиумската област. До 1 март требаше да се случи политичкиот дијалог со посредство на комесарот Филе, па анкетната комисија, и тоа траеше цела година. Реално ние загубивме многу време годинава токму од овие работи што беа предизвикани и сепак мислам дека, иако е тоа загубено време, на крајот со дополнителниот ангажман на сите фактори во земјата успеавме да ја задржиме препораката, односно извештајот да биде со препорака дека Република Македонија заслужува да добие датум за почнување преговори. Но тоа треба да ни биде поука и лекција дека нашата енергија и ангажман можеме да ги искористиме многу попродуктивно виза ви реформската агенда за тоа што нѐ очекува наредната година.
ПРИМЕРОТ НА КОСОВО И СРБИЈА Е УСПЕШНА РАМКА
Законот за медиумите крена голема врева во општеството и повторно од Брисел слушнавме апел да се донесе со консензус. Дали вие лично мислите дека е толку неопходен и потребен закон за медиуми во оваа форма во која е предложен?
- Процесот го следам одблиску, но јас не сум експерт од областа на медиумите. Тоа што од оваа позиција постојано сум се обидувал да го укажам е дека слободата на изразување не е само до медиумите, новинарите се само еден сегмент, тоа е многу поширока тема, но конкретно за оваа ситуација тоа беше дефинирано во пристапниот дијалог на високо ниво како една од приоритетните области.
Веќе извесен период во јавноста имаме различни изјави што навистина се случува во спорот за името. Министерот Попоски вели дека меѓу Македонија и Грција има планини, а лидерот на ДУИ, Али Ахмети, дека никогаш не сме биле поблиску до решение. Вие сте член и на Владата и на ДУИ. Каква е вашата перцепција, до каде е навистина процесот за името?
- Јас пред сѐ сум граѓанин на Македонија. Но јас би рекол дека изјавата дека сме поблиску до решение сепак кореспондира и со изјавите на посредникот Метју Нимиц што ги даде во Скопје и во Атина при своите последни посети. Во тие изјави, за разлика од претходно, кога само знаевме дека има процес и дека се разговара, се гледа дека сега темата е фокусирана на две конкретни работи, каде ќе биде ставен зборот „горна“ или „северна“ во името на државата и, второ, опсегот на употреба. Тие ги имаат нивните позиции, ние нашите. Порано се зборуваше општо, сега е многу конкретизирано, што е голем чекор напред и ваква јасна слика порано немало ниту во јавноста. Секако, не е едноставна работа да се реши проблемот, а тоа го покажува фактот дека процесот трае повеќе од две децении. Меѓутоа, не е нерешлив. Мислам дека со капацитетите што ги имаме ние како соседни земји во овој момент на процесот може да му помогне меѓународно посредништво или олеснување. Посредникот Нимиц ја има таа улога, но рамката на Обединетите нации не е временски дефинирана и процесот трае веќе две децении. Нам ни треба таа рамка да добие одредена динамика, што би требало да се усогласи со европската агенда, на која двапати годишно се одржуваат совети на ЕУ. Во таа рамка треба да има и содржина, односно што се разговара. Примерот на Косово и Србија треба да го гледаме како успешна мисија.
СРЕЌЕН СУМ ШТО СЕ АНГАЖИРААТ БЕРЛИН И ПАРИЗ
Дали средбата на Меркел и Нимиц и изјавите на високите германски дипломати поврзани со спорот за името, може да се сметаат за вклучување на официјален Берлин во процесот?
- Ние некогаш стануваме заложници на формата, но многу се важни суштината и содржината. За нас содржината во процесот е битна, да се вклучат земјите-членки на ЕУ со свој ангажман, а во која форма не е приоритет, битно е тие да помогнат во процесот да ги смират двете страни, да го интензивираат процесот, и токму тоа мислам дека се случува. Јас сум среќен што се ангажираат земјите-членки, што не се откажуваат од целта Македонија и регионот да бидат дел од Европската Унија, оти тоа не претставува интерес само за земјите од регионот туку и за самата Европска Унија. Инаку, средбата на Меркел и Нимиц, нејзината посета на Атина, изјавите на нејзиниот советник Хојсген, понатаму иницијативата што ја имаше Франција со одредени земји-членки во ОН да се сретнат со Нимиц и со генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, за ова прашање, препораката што стои во извештајот дека Европската комисија е подготвена да направи рамка за почнување на преговорите со поглавјата 23 и 24, како и предлогот за решение за името во раната фаза од разговорите, покажуваат дека сите на некој начин сакаат да се вклучат и покажуваат заинтересираност во рамките на нивниот домен и надлежности да помогнат во процесот. Јас честопати сум критикуван поради оптимистичкиот пристап. Нам не ни останува ништо друго. Кога влегуваш на терен да играш фудбал мора да ја играш играта докрај. Не треба да се откажуваме предвреме. Не мислам дека треба да се биде оптимист на нереална основа, меѓутоа нашиот ангажман е задолжителен, ние мора да ги бараме сите форми и да сме амбициозни за ова прашање, но во исто време јас не сакам да создадам нереални очекувања дека во декември ние ќе добиеме датум.
________________________________________
Застојот во ЕУ-интеграциите може да поттикне радикализам
Како ги коментирате изјавите дека статус квото, односно застојот на евроинтеграциите лошо влијае врз меѓуетничките односи?
- И Охридскиот рамковен договор почнува со тоа дека овој договор е склучен меѓу политичките лидери на земјата и меѓу етничките заедници за напредок на Македонија во евроатлантските интеграции и воведување на евроатлантските демократски стандарди и принципи во Република Македонија. Тоа е ветувањето. Македонија им даде шанса на мирот и на демократијата во период кога имавме конфликт и тоа ветување со текот на времето се оправдува со напредок. Статус квото во тој контекст дава простор за одредени радикални политички мотиви и структури да излезат со свои ставови дека процесот на ЕУ-интеграции нема своја иднина и перспектива. И европската криза и недостигот на поголем економски пораст и забрзано отворање работни места секако дека може да имаат и импликации врз политичката стабилност. Но ова во ниту еден случај не би требало да се искористи за одредени закани, затоа што ние како земја и граѓаните на Македонија сме заинтересирани за демократија и за мир и Македонија тоа го има докажано. Ние треба да работиме за евроинтеграциите пред сѐ заради нас, заради реформите и така концептот на интегрирање е над тие националистички тези, од која било етничка заедница да произлегуваат.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=112513955326&id=9&setIzdanie=23036
Автор: Фросина Димеска