Интервјуа
вторник, 27 мај 2014 11:20
Интервју со Фатмир Бесими, вицепремиер за европски прашања
Катерина Синадиновска
Министерот Фатмир Бесими преку интервју за Капитал испраќа порака до Европската Унија дека неопходна е помош и поголем интерес од нејзините институции во процесот за решавање на спорот со иметo,кој според него тешко дека ќе добие завршница наскоро.
Кога зборува за самиот Извештај за напредокот, тој вели дека странците до детали се запознати со состојбите во секоја од земјите. Признава дека македонскиот има многу забелешки, но носел добра вест - препорака за членство, која оваа година сме имале шанса и да не ја добиеме.
Бесими открива дека со грчкиот министер за надворешни работи Аврамопулос се блиски и комуникацијата им се одвива преку мобилен телефон, тој ги раскажува деталите од неговата посета на Атина, но и од неговите посети низ европските центри каде што заедно со лидерот Али Ахмети бил, во како што тврди, државна мисија за презентација на македонските заложби за влез во ЕУ и во НАТО
Г. Бесими, интервјуто го правиме ден после објавувањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија. Како го цените овој документ?
Тоа е работен документ кој прикажува реална слика за периодот од една година - значи што Р. Македонија направила во однос на приоритетите кои се дефинирани за нашиот пристап до ЕУ. Тоа што би го издвоил како општа констатација е добрата вест што, и овој пат, стои препораката за започнување на преговорите. Треба да е јасно дека препораката не е статус што се дава еднаш засекогаш. Треба секоја година да ја одработиш. Важни се препораките кои се даваат особено во делот каде што треба да се работи повеќе во следниот период. Од таа гледна точка, ова ќе биде патоказ за дефинирање на агендата, за дефинирање на обврските за државните институции и унапредување и утврдување на план за следната година за да се одредат термини за продолжување на Дијалогот на високо ниво (ХЛАД).
НЕРЕАЛНО Е ДА ПРОГНОЗИРАМ РЕШЕНИЕ НА СПОРОТ ЗА ИМЕТО ДО ДЕКЕМВРИ
Спорот за името не беше одбегнат. Има ли реална шанса да се очекува решение до декември?
Името останува главен предизвик за нас и за ЕУ. Ова е главното прашање (виза ви реформите). Ова е главната порака. Секако дека треба да се сфати сериозно и да го дадеме нашиот максимум. Не претендирам да кажам дека ова е лесно прашање и дека може во следниот период да се реши. Трае 2 децении... Малку е нереално да мислиме дека до декември ќе се заврши.
Каде е тогаш добрата вест? Ако препораката е добрата вест, таа уште во декември преку Европскиот совет ќе се претвори во лоша – датум повторно нема да добиеме.
Па можевме и да немаме препорака.
Значи оваа година препораката беше успех... Вие лично така ја доживувате? Не е ли регрес да славите нешто добиено пред пет години?
Јасно е дека е така. Но, знаете оваа година препораката беше одработена. Статус-квото си има свои обврски. Без реформи тоа значи уназадување. Не велам дека ова е голем успех. Петти пат добиваме препорака, но за да се одржи овој статус тоа бара работа и посветеност и тоа е добрата вест што ја кажав. Но, тоа не ја отсликува нашата цел. Целта се преговори. Сега пред нас е големиот предизвик на изнаоѓање на решение на спорот за името. Во тој контекст е и пораката на Филе дека статус – квото си има цена. Нема цена само компромисот. Треба да се процени и цената која ја плаќаме од неизнаоѓање на решение, кое може да влијае и врз реформите и врз добрососедските односи. Препораката дава уште една можност за поголем ангажман со Грција за името. Како еден ад-хок одговор е и закажувањето на следната средба од медијаторот Нимиц. Важно е да се координираат овие активности за да имаме напредок за ова прашање. Ќе повторам, ова ни останува еден од главните предизвици. Нема однапред позната формула за решение, но решението мора да се бара низ дијалог и конструктивен пристап. Двете страни мора да се гледаат како партнери, а не противници. Значи пораката на овој извештај е јасна и мора да се лоцираат сите институции кои се инволвирани и нивниот ангажман за надминување на овој проблем да се зголеми. Оттука и сите наши посети во последниот период низ европските центри. Бараме да се вклучи и МЗ во овој проблем,. Знаете, спорот е билатерален, Ние треба да го бараме решението и решението ќе биде меѓу двете земји, но самото решение не е билатерално, бара вклученост и на третата страна.
Дали ЕУ е трета страна, ако Грција е ЕУ? Многумина велат дека треба да се држиме до Вашингтон, а не до Брисел кога бараме помош во медијацијата...
Да. Формално процесот си има трета страна. Тоа се ООН. Но, ние сметаме дека вклученост и на други важни фактори како европски институции и земји членки на ЕУ, потоа НАТО, и САД може да помогнат во охрабрување. Не сакам да мислите дека ја префрлам одговорноста на третата страна или страни. Ова е наша обврска, но мора да се гледаме со Грција како партнери и за тоа ни е потребна помош. Сега пак доаѓаме до она прашање за можноста до декември да се најде решение до декември. Прашањето навистина трае две децении. Да дадам изјава дека за два месеци може да чекаме решение е во најмала мерка несоодветно, но убеден сум дека и понатаму мора да вложуваме напори.
Ја издвоивте пораката на Филе во однос на цената што се плаќа ако не се најде решение. Колку оваа изјава зборува за зголемениот притисок од странците?
Дипломатски е подобро да кажеме дека има зголемен интерес. Во „вордингот“ има такво лоцирање на зголемен интерес или потреба од зголемен интерес не само во Грција и Македонија туку и во европските институции во контекст на проширувањето како еден мировен проект на Европа за да се заокружи таа идеја за една Европа која ќе биде обединета и слободна за да генерира развој. Балканот е незавршена мисија на ЕУ. Подобро е да има вакви инвестиции во регионот како во последниот период, отколку како тие во минатиот век, кога инвестициите беа мировни интервенции...
Она што до неодамна се чинеше невозможно, сега преку добра волја и инволвираност на повеќе страни се постигна – Белград и Приштина дојдоа до договор за нормализирање на односите.
И ГРЧКИТЕ И МАКЕДОНСКИТЕ ПОЗИЦИИ ЗА СПОРОТ ЌЕ БИДАТ ЦВРСТИ, АКО НЕМА ДИЈАЛОГ
Затоа Филе ја посочи Србија како пример. Не ве ли фрустрира тоа на некој начин? Земји кои беа далеку зад Македонија сега го водат орото... Нели тоа остава простор за сомневање во вашите капацитети како власт и способности да се игра играта?
Видете, во однос на овој процес не се гледа дали има способни или неспособни држави.
А лидери?
(се смее, н.з)... Да, но извештаите за напредокот не се однесуваат на раководствата на земјите. Странците се информирани до детали за она што се случува во државите. Ако ме прашате мене лично, сметам дека кај нас, прашањето за името мора да се гледа во контекст на перспективата да се биде дел од Европската заедница. Со таков пристап, да се пријде до решение со кое двете страни ќе можат да живеат. Ако ги земеме моменталните позиции, компромисот мора да значи и двете страни да направат отстапки од нив. Тоа значи дека ќе дојдеме во ситуација која не е атрактивна ни за тука, ни за кај нив. Но, ако во равенката го ставиме и идниот фактор – Македонија дел од ЕУ и НАТО, тогаш може да се најде решение во оваа равенка што 20 години не сме ја решиле.
Колку е Грција навистина непопустлива? Каков впечаток добивте вие од вашите лични средби таму?
И нашите позиции се цврсти и секои позиции секаде во светот ќе бидат цврсти, ако немате дијалог. Треба да комуницираме повеќе.
СО АВРАМОПУЛОС СМЕ БЛИСКИ, КОМУНИКАЦИЈАТА НИ Е НА МОБИЛЕН
Чувствувате дефицит на волја од грчката страна? Тие одбиваат средби...
Па не би го дефинирал така, но мора да има почести средби. Јас без воздршка можам да кажам дека мојата средба со министерот за надворешни работи Аврамопулос беше одлична.
Како ја закажавте средбата? Како успеавте?
Ја закажав по редовна процедура, официјално, но јас со него комуницирам на мобилен. Имаме одлична комуникација, уште како министер за одбрана. Таа комуникација е секогаш позитивна и корисна и за официјалниот дел од нашата соработка оти создава доверба дека ниеден од нас не
ја злоупотребува во контекст на прашањето. Јас имам исклучително позитивно искуство и средбата таму беше на највисоко ниво организирана, без никакви провокации. После нашата средба имаше „фолоу-ап“ каде претставници од Секретаријатот вршеа презентации за можностите за соработка на полето на многу реформи. Мора да градиме вакви примери.
Ваша беше идејата за формирање на преговарачки тимови, од двете страни за да се даде нова рамка на преговорите, да излезат од форматот на ООН... Се чини дека тоа пропадна во вода...
Имаше еден предлог после тоа и од премиерот за средби на премиерско ниво и работни групи. Се уште мислам дека тоа е можеби модел на решение кое треба да се проба. Тоа функционираше меѓу Белград и Приштина со дефинирана агенда и динамика и непротоколарни туку суштински средби. Но за да се постигне тоа мора да има постигнато одредени претпоставки – да се има волја за решение и конструктивен пристап. Ако видиме каква е соработката и комуникацијата на другите полиња со Грција, ќе видиме дека е многу подобра отколку на политичко ниво...
ВО ИЗВЕШТАЈОТ ИМА ЗАБЕЛЕШКИ ЗА ПОВЕЌЕ СФЕРИ
Ако го тргнеме спорот за името настрана... Да зборуваме малку за реформите. Забелешките се пресликани од лани, нема констатирано напредок, напротив, во многу полиња има регрес. Состојбата во судството е лошо оценета, онаа во медиумите особено, за јавната администрација исто така, за контролните тела се вели дека немаат капацитет...
Прашањето за името и реформите се две неразделиви работи. Ова е како возење на велосипед со педали – не можеш само со една да возиш. Ти требаат двете и тоа синхронизирани. Не можеме да мислиме дека ако завршиме со реформите, а не го решиме спорот со името ќе добиеме датум, и обратно – ако го решиме името, а не ги завршиме работите.
За второво г. Бесими не сум сигурна дека сте во право...
Добро, во право сте. Ако го решиме спорот за името, догодина ќе добиеме датум. Но, ако понатаму не ги тераме реформите...
Претпоставката е дека тогаш реформите ќе течат, сакале вие или не..
Така е. Во делот на реформите, кога имате напредна легислатива, забелешките се за нејзината имплементација. Кај нас проблем е токму спроведувањето. Забелешки има и во делот на дијалогот со новинарите. Неопходно е тој дијалог да постои. Во овој период можеше многу повеќе да се направи и во однос на имиџот на Македонија во однос на медиумските слободи. Промени требаат и во изборниот законик. Мора да се имплементираат препораките од ОБСЕ и ОДИХР и дел за имплементацијата на Охридскиот рамковен договор. Сумарно кога се зборува за политичките критериуми велат дека тие се на задоволително ниво, па со тоа се оправдува препораката (иако се наведуваат сите овие загрижености). Мислам дека сите институции сега мора детално да ги разгледаат сите забелешки, на чело со Владата и да одиме со детална анализа каде и што треба да се направи за да се поправиме. Во следниот период треба максимално да се посветиме на реформите. Политичкиот дијалог, го испуштив, но особено е важен. Се поздрави мартовскиот договор, но ние многу изгубивме со таа криза. Пред се изгубивме време, можевме да работиме на други реформи наместо да се занимаваме со тоа. Во однос на економските реформи, укажана е потребата од зајакнување со управувањето со јавните финансии.
За прв пат оваа година јавните финансии се така децидно споменати...
Да. Вака експлицитно. Кога гледате во стратегијата за регионот, владеењето на правото, слободата на изразување, фундаменталните права, како и ова управување со јавните финансии се приоритет. И затоа сега се дава поголемо значење. Дополнително, наредниот период се поклопува со новата ИПА програма...
ДОВОЛНО ЗБОРУВАВМЕ КАКО МАКЕДОНЦИ И АЛБАНЦИ – ВРЕМЕ Е ДА ЗБОРУВАМЕ КАКО ГРАЃАНИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Која беше целта на вашите посети из европските центри, заедно со лидерот Ахмети? Какви пораки пративте и какви донесовте назад?
Целта беше да укажеме на определбата на Р.М за европските интеграции и на значењето на напредокот на овој процес. Укажавме на предизвиците кои се пред нас. Прашањето за спорот со Грција и баравме поддршка од земјите членки на ЕУ и од европските институции. Г. Ахмети побара посилен ангажман од нив. Ја презентиравме нашата проценка дека интеграциите даваат силен напредок за секоја земја и го презентиравме нашиот став дека неопходни се добрососедски односи и соработка.
Чија беше идејата за оваа турнеја? Вие бевте во улога на вицепремиер на Македонија на тие посети или како дел од партиската делегација на ДУИ?
Неразделива е таа функција. Јас кога сум таму сум и вицепремиер, но и дел од партиска делегација.
На чија сметка патувавте штом така? На партиска или државна?
Јас патував на сметка на државата, затоа што темата беше европски интеграции. Средбите беа на државно ниво. Највисок протокол беше, а состаноците беа најофицијални. Важно беше дека тие ги слушнаа пораките од наша страна и ме прашавте со што се вративме – со нивно разбирање за нашите заложби и со ветување дека посилно ќе се заложат откако ќе разгледаат можности како тоа да се направи. Ги читав коментарите за нашите посети, но тоа е дневна политика во обид да се дефокусира јавноста од значењето на овие средби. Јас сум тука на предлог на ДУИ и Али Ахмети е мојот политички лидер.
Зошто тогаш популизам, и од вас и од страна на коалицискиот партнер ВМРО - ДПМНЕ? Зошто две тези се туркаат паралелно – една дека ДУИ го „продава“ името зад грб, а втората дека Македонците ги држат Албанците како заложници на еден „само македонски проблем“?
Тука ќе бидеме најсигурни и најбезбедни само ако ја дефинираме нашата позиција, не како Македонци или Албанци туку како граѓани на оваа држава. Да зборуваме за иднината, не за минатото. Зошто е тоа важно? Затоа што само неа можеме да ја менуваме – минатото не. Затоа тезите дека ДУИ или Албанците работат зад грб е само создавање на дезинтеграција. Сите мора да работиме за побезбедна и поразвиена Македонија. За идните генерации да живеат во подобри услови.